„Имавме успешна средба со Европската ивестициска банка и можеме да очекуваме поддршка од нивна страна на проектите и на стопанството, за да може да се мобилизира капиталот, сѐ со цел да му се помогне на регионот, но и на нашата држава. Тема во разговорите беа и 100-те милиони евра наменети за приватните фирми за кредити, но зборувавме и за тоа дека во рамки на гарантниот фонд може да се вклучат од Европската банка за да се зголеми и да се помогне на економија. Инвестицискиот фонд има намера да се фокусира на извозните компании преку поддршка на инструментите за развој“, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими синоќа во вестите на „Сител“, пренесувајќи дел од разговорите со Европската инвестициска банка.
Сепак, според Бесими, приоритет во задржување на стабилноста на економијата, е петтиот пакет економски мерки.
„Овој пакет е за платите за февруари и март, но и други инструменти се опфатени, како поволни кредити, но и други мерки. Во однос на ликвидноста имаме средства, добар ни е планот. Со сите наши политики до сега, како членството во НАТО и реформите за ЕУ, ликвиднста во буџетот не е во прашање, во добра кондиција сме и во однос на плати и во однос на вкупната економија. Oд јануари до 15 март годинава приходите во буџетот се поголеми од истиот период лани, во поглед на сите даноци, а немавме криза првите месеци од минатата година. Сето ова ни укажува дека планираниот раст од 4.1 отсто што го проектираме може и да го оствариме. Бројките одат кон тоа да се оствари нашето сценарио“, додаде министерот.