„Ако не се договориме сега, додека Заев е премиер, ќе влеземе во нова неизвесност. Ќе изгубиме пак многу време, а ние веќе немаме време за чекање! Предолго ја чекавме Бугарија да има политичка Влада. Премиерот Заев останува на позицијата за да го затвори овој процес на преговори со новиот бугарски премиер“, изјави за „Дојче веле“ специјалниот претставник на Владата во спорот со Бугарија – Владо Бучковски.
Тој потенцира дека главната дилема не е дали ќе има решение туку кога, притоа додавајќи дека е исклучително важно да се искористи „прозорецот на можности“ во периодот декември-јануари, бидејќи потоа во Франција – која е идниот претседавач со ЕУ, почнува кампањата за претседателските избори кои ќе се одржат во април.
„Заради тоа, немаме многу време пред да почне нивната кампања. И завчера на Софискиот форум потенцирав дека прозорецот на можности е отворен сега“, вели Бучковски.
Тој е уверен дека прашањето за Македонија ќе биде меѓу приоритетите на новата влада на Бугарија и притоа посочи дека тоа го навестил извесниот иден премиер на бугарската влада – Кирил Петков, во интервју за „Радио Дарик“ пред 4 дена.
Од друга страна, пред само два дена, во интервју за „Шпигел“, Петков изјави дека една од првите задачи на новата бугарска влада ќе биде да се формираат работни групи меѓу двете земји и дека тие групи треба да се остават да преговараат барем шест месеци, бидејќи ако Бугарија сега би дала зелено светло за почеток на преговори, тоа само ќе ги засилело националистите од двете страни. Целата изјава на Бучковски за „Дојче веле“ прочитајте ја ТУКА.