Бучковски: Ставовите на Георгиевски заслужуваат внимание, јавноста треба да биде подготвена за темите кои ќе се наметнат

„На темата за која Георгиевски излезе јавно ние дебатиравме на последната средба кога разговарав со него, на две три недели пред јас да бидам именуван за специјален претставник на Владата. Ова не се нови ставови на Георгиевски“, вели Владо Бучковски, во денешното гостување во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Според него, ставовите на Георгиевски заслужуваат внимание и аргументирана расправа, а на домашната јавност ѝ треба подготовка за „темите кои ќе се наметнат во периодот кој претстои“. Тоа се темите за заедничката историја.

„Ние и во владината коалиција имаме коалиционен партнер кој ја форсира темата за заедничката историја, имаме и коалиционен партнер – Павле Трајанов, кој вели дека немаме заедничка историја. Така што, умешноста на премиерот, на Владата, е во овие околности кога во јавноста имаме атмосфера на говор на омраза, омаловажување на Георгиевски без сериозни аргументи, да имаме сериозна дебата, која треба да се води со изложување на аргументи“, вели Бучковски.

Како што истканува поранешниот премиер, неговото искуство од изминативе три месеци покажува дека постои кристално јасна позиција на македонскиот јазик и идентитет, т.е. на реалноста дека постојат различни народи кои говорат различни јазици.

„Од друга страна е инсистирањето од бугарска страна дека треба да се соочиме со заедничката историја, а не само да повторуваме дека имаме заедничка историја. Што е тоа од заедничката историја согласно Договорот, кои се тие настани и личности кои потврдуваат дека во минатото сме имале такви заеднички моменти кои треба да бидат во нашата заедничка иднина? Еден е ставот на Герогиевски, друг е да речеме ставот на МПЦ, која во ноември 2017 година, повикувајќи се на заедничката црковна историја, побара БПЦ да биде црквата мајка“, вели Бучковски.

Според него, потпишувањето на Преспанскиот договор ги зголемило апетитите на Бугарија и е еден од битните моменти кои довеле до поместување на бугарските позиции. Како што вели тој, причина е чувството во Софија дека Грците добиле многу повеќе од нас отколку што добија Бугарите кога го потпишаа Договорот за добрососедство една година порано.

ЦЕЛИОТ РАЗГОВОР ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ТУКА.

 

- Реклама -