Гаврил Бубевски остро ги демантира обвинувањата што ги изнесе поранешната обвинителка Лејла Кадриу во интервју на ТВ Алфа, емитувано на 7 февруари 2026 година. Тој најави дека ќе поднесе граѓанска тужба за клевета ако не добие извинување во предвидениот законски рок, истакнувајќи дека сите наводи за неговото постапување се невистинити.
„Јас најостро ги демантирам клеветите и лажните информации претставени од адвокатката Лејла Кадриу. Наводите кои се однесуваат на моето постапување и работата на поранешното СЈО се сосема лажни и се создадени со намерна цел да ја нарушат мојата лична и професионална репутација. Веднаш по емисијата, иницирав постапка за извинување за јавно изнесените лаги. Доколку не добијам извинување во законското време, ќе поднесам тужба за клевета, при што на суд ќе докажам дека сè изнесено во емисијата е абсолютно невистинито.
Иако сметам дека овие клевети не заслужуваат внимание, разбирам дека нашето општество не секогаш е отпорно на лаги. Не сум имал четири мобилни телефони во животот. Додека бев јавен обвинител во СЈО, имав само еден телефонски број, кој го користев цело време. По враќањето во ОЈО Скопје, повторно користам само еден телефон. Мојот единствен приватен број го знаат многу новинари и граѓани, бидејќи верувам во транспарентноста и сум секогаш достапен за сите прашања.
Сите наводи за натамошно влијание од моја страна ги отфрлам и стојам зад донесените одлуки. Во многу ситуации, како што е предавањето на прислушуваните материјали во СЈО, лично не сум бил присутен, за што имам релевантни докази. Записникот за тие материјали постои и е дел од доказите во предметот Таргет-Тврдина.
Причините за оддалечувањето на Кадриу од СЈО и редовното обвинителство се познати во институцијата. Таа се обидува да го загрози мојот професионален интегритет и да влијае на моето извршување на функцијата. Мотивите за нејзините јавни настапи ми се јасни, но не планирам да се потчиним на лагите и манипулациите.
Ќе ги искористам сите законски механизми за заштита, вклучувајќи и поднесување тужба за лагите изнесени од друг адвокат – поранешен обвинител, кој исто така настапува со слични намери. Очекувам дека во судската постапка ќе се докаже вистината и да се утврди кредибилитетот на извори на информации во медиумите во однос на состојбите во правосудството“, изјави јавниот обвинител Гаврил Бубевски.




