Брунбауер: Историчарите во Скопје го имаат истото право да пишуваат глупави работи како и оние во Софија

„Брисел и особено Берлин треба јасно да ѝ стават до знаење на бугарската влада дека ова е навистина глупава идеја“, вели во интервју за „Дојче веле“ германскиот историчар Улф Брунбауер, коментирајќи го меморандумот на Софија.

ДВ: Професоре Брунбауер, како е можно една држава да го негира постоењето на една нација и нејзиниот јазик во соседна држава?

Еве, Бугарија покажува дека е можно – преку едноставно туркање на сопствениот националистички поглед на историјата и културата врз друга земја и нејзиниот народ. Тоа би било слично како Германија да им каже на Австријците дека се всушност Германци, или Данска да ги нарекува Норвежаните аномалија бидејќи некогаш биле дел од заедничка империја, а нивниот стандарден јазик бил развиен подоцна од данскиот.

Мислам дека главното прашање тука е, зошто Бугарија упорно ја турка својата опсесија со „македонското прашање“ толку агресивно во овој момент? Можеби е поврзано, од една страна, со политичките превирања со кои се соочува владата во Софија. Позирањето како бранител на националната чест е секогаш добро за одвлекување на вниманието. И второ, мора да се земе в предвид влијанието на „патриотските“ партии во владата- дури и доколку можеби се работи само за симболично позирање и покажување мускули без голем ефект.

Големата иронија на меморандумот е неговата хипокризија – точно е дека официјалниот македонски идентитет беше всаден во населението со државна интервенција, некој може дури да каже дека нацијата беше „измислена“ од комунистите (а важно ли е тоа?). Но речиси истото е точно и за Бугарија исто така, каде градењето на нацијата беше извршено под авторитарен режим. Истото важи и за јазикот: сите денешни стандардни јазици во некој момент биле дијалекти, и вообичаено е потребна политичка одлука за да се реши кој дијалект ќе биде основа за стандардот. Едноставно не е релевантно за прашањето на членство во ЕУ кога тоа се случило, и исто така не е релевантно што мислат луѓето за историјата на сопствениот јазик, и тоа не треба да им пречи на билатералните односи.

Бугарската влада го осудува наводниот континуитет на „комунистичката идеологија“ во Македонија, но не признава дека нивниот меморандум исто така можел да биде формулиран во Политбирото на Бугарската комунистичка партија во 1960 години. Тоа означува голема заблуда за слободата на истражувањето: не треба да е државата таа која одлучува за историјата, туку историчарите и другите научници, а луѓето се слободни да веруваат во било кој историски мит кој им се допаѓа. Историчарите и публицистите во Скопје го имаат истото право да пишуваат глупави работи како и оние во Софија. Се чини дека всушност „комунистичкиот“ однос е позастапен во бугарската влада која мисли дека државата може да ја одреди историската вистина, и дека постои само една вистина, која случајно е нивната… Целото интервју прочитајте го ТУКА.

- Реклама -