Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, денеска изјави дека и натаму е во тек потрагата по исчезнатите и најави дека ќе испрати дополнителни 5 000 војници во погодените подрачја
Бројот на загинати во најсмртоносните поплави во модерната историја на Шпанија се искачи на најмалку 211.
Десетици други се водат за исчезнати, четири дена по обилните врнежи што го зафатија регионот Валенсија.
Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, денеска изјави дека и натаму е во тек потрагата по исчезнатите и најави дека ќе испрати дополнителни 5 000 војници во погодените подрачја. Најголемиот дел од нив, 4 000 војници, се очекува да пристигнат во источните делови на Шпанија уште денеска.
„Шпанија се соочува со најголемите поплави на овој век“,
рече Санчез и апелираше на едиство со цел надминување на последиците од природната непогода.
Повеќе од 13 000 Шпанци земаа учество во волонтерски групи за да им помогнат на погодените од катастрофалните поплави во Валенсија. Помагаат во чистење и поправка на куќи и инфраструктура.
Истовремено, илјадници војници, полицајци, пожарникари работат на спасување и лоцирање на исчезнатите.
Медитеранскиот брег на Шпанија често е погоден од бури и поплави наесен, но поплави од ваков размер не се регистрирани со години. Според експертите, зачестените екстремни временски непогоди од овој тип се резултат на климатските промени во Европа, но и во светот воопшто.