Скопје, 20 јануари 2022 (МИА) – Бројот на активни случаи секојдневно се зголемува. Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, нивниот број во државава достигна 18.498 од кои повеќе од половина – 9714 се во Скопје. Расте и бројот на реинфекции.
Од направени 6.353 тестови, регистрирани се нови 2.051 случај со Ковид-19 од кои 276 реинфекции, седум починати и 747 оздравени пациенти.
Директорот на Институтот за имунологија, д-р Александар Петличковски синоќа во телевизиско гостување рече дека околу пикот сме на сојот омикрон, имајќи предвид дека и во земјите во соседството и во земјите во Западна Европа, овој последен бран на корона инфекцијата се ширеше многу брзо и многу побрзо стивнуваше. Тој истакна дека не очекува во следните месеци и години короната да биде сериозен проблем за човештвото. Препорачува да се носат маски N95.
Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 249.704, бројот на оздравени пациенти е 223.053, а на починати е 8.153.
Заради ситуацијата со Ковид-19, Германија ја врати Северна Македонија на листата на ризични земји, а нови ковид протоколи има и за влез во Финска и Хонг Конг.
Со најновата одлука на германските власти, од македонските државјани при влез во Германија се бара електронско пријавување и поседување потврда за вакцинација или за прележан Ковид или негативен ПЦР тест. За лицата кои не биле заразени со Ковид и не се вакцинирани, следува 10-дневен карантин, а можат да бидат ослободени најрано на петтиот ден со тестирање за Ковид 19. Од оваа мерка се ослободени невакцинираните деца до шест години, на кои карантинот им се прекинува по пет дена.
Со нов Ковид-протокол е и Република Финска. Сите лица, вклучувајќи и наши државјани, кои не можат да се вакцинираат против Ковид 19 од медицински причини, можат да влезат во Финска доколку имаат лекарско уверение кое го покажува тоа, заедно со потврда за негативен Ковид 19 тест, не постар од 48 часа. Сите останати (освен оние со регулиран престој) кои пристигнуваат во Финска и натаму се задолжени да приложат доказ за целосна вакцинација или оздравување од Ковид 19 (во изминатите шест месеци) заедно со негативен тест за Ковид (не постар од 48 часа).
Истовремено, Владата на Хонг Конг Специјален Административен Регион донесе одлука за измена на условите за влез во Хонг Конг, согласно која Република Северна Македонија се наоѓа во Група А земји каде се детектирани случаи на омикрон. Поради тоа, се ограничува влез на наши државјани и странци (кои не се резиденти на Хонг Конг), а кои во изминатите 21 ден престојувале во Северна Македонија. Дополнително, дозволен е влез за резиденти на Хонг Конг, но со 21 дневен задолжителен карантин и 6 ПЦР теста, информираат од МНР.
Брзо ширење на омикрон сојот на коронавирусот има речиси во сите држави, а експертите предупредуваат дека врвот на инфекцијата допрва доаѓа.
Продолжување за уште една седмица на актуелните мерки во Грција што се однесуваат на угостителските објекти, спортските натпревари и работата од дома, најави вчера министерот за здравство на Грција, Танос Плеврис, говорејќи на грчката телевизија „ЕРТ“, јави дописничката на МИА од Атина.
Сепак, конечната одлука на грчката Влада ќе се базира на препораката на надлежната комисија на епидемиолози.
На 30 декември 2021 година беше воведено ограничено работно време до полноќ за угостителските објекти, забрана за музика, забрана за стоење и најмногу шест гости на маса, спортските натпревари се со публика до десет отсто од капацитетот или најмногу 1.000 лица, а 50 отсто од вработените во јавниот и приватниот сектор работат од дома. Првично, планирано беше мерките да бидат во сила до 16 јануари, а минатата седмица беа продолжени до 23 јануари.
-Се чини дека кулминацијата на омикрон сојот дојде многу порано од очекуваното, но со делта сојот постои огромен притисок врз здравствениот систем. Додека во заедницата омикрон е 90 отсто раширен, кај хоспитализациите процентот е поделен, бидејќи има болни од делта, кои се разболеле за време на празниците, затоа логично е, за да го следиме феноменот, да има продолжување на мерките, рече Плеврис, објаснувајќи дека ќе ја чекаат препораката од експертите.
Во изминатите два дена, по пауза од еден месец, во Грција беше регистриран трицифрен број починати од Ковид-19. Завчера беа регистрирани 106 смртни случаи, а ден претходно починаа 101 лице. Иако има намалување на бројот на нови случаи на Ковид-19 и веќе една седмица новозаразените на дневно ниво се под 30.000, сепак и понатаму е висок бројот на пациенти приклучени на апарати на одделите за интензивна нега, вкупно 673 заклучно со завчера.
Во изминатите седум дена во Франција дневната контаминација со коронавирус достигна рекордни бројки од над 300.000 позитивни лица, објави Јавното здравство, но завчера оваа бројка се зголеми на 464.769. Со тоа просекот за неделата достигна 309.433 дневни случаи, наспроти 281.965 претходниот вторник, јави дописникот на МИА.
Луѓето во Англија од следната недела повеќе нема да мора да носат маски. Научниците веруваат дека ширењето на сојот омикрон го достигнал својот врв во Британија, изјави вчера британскиот премиер Борис Џонсон.
Најави дека засега ќе продолжи да важи условот за луѓето да се изолираат, но не се очекува продолжување на законодавството за самоизолација, што истекува во март. Премиерот изрази намера да се обиде порано да се постигне укинување на тоа барање.
– Поради итна кампања за зголемување на дозите вакцини за засилување, во комбинација со начинот на кој општеството реагираше на мерките на планот Б, можеме да се вратиме на планот А во Англија, што значи дека правилата на Планот Б ќе престанат да важат од четврток следната недела, рече Џонсон.
Посочи дека задолжителните сертификати за коронавирус ќе бидат укинати, но компаниите би можеле да одлучат да продолжат со спроведување на пропусниците за ковид ако сакаат.
Генералниот директор на Министерството за здравство на Израел, Нахман Еш вчера изјави дека 71.593 Израелци биле позитивни на коронавирусот завчера, но изрази уверување дека многу повеќе луѓе се заразени во изминатите 24 часа – дури 200.000.
Здравствените власти во Белгија најавија дека вакцината „Новавакс“ неодамна одобрена во Европа, ќе пристигне во земјата кон крајот на февруари.
Цивилниот механизам за заштита на ЕУ вчера испорача над 2,2 милиони дози вакцини во Иран за бегалците од Авганистан.
Првиот човек на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Адана Гебрејсус, ги предупреди светските лидери дека пандемијата на коронавирусот „не е ни блиску до својот крај“.
Тој потсети дека некои европски земји бележат рекорден број на нови случаи поради сојот омикрон.
Би-Би-Си пренесе дека Тедрос на редовната прес-конференција во седиштето на СЗО во Женева, кажал дека сојот омикрон само минатата недела предизвикал 18 милиони нови инфекции ширум светот.
-Иако овој сој може да се покаже дека е помалку сериозен, наративот дека се работи за блага болест е погрешен. Не правете грешка, омикрон предизвикува хоспитализации и смртни случаи, а уште потешки случаи ги поплавуваат здравствените установи, рече директорот на СЗО.
Тој ги предупреди глобалните лидери дека „со неверојатниот напредок на омикрон на глобално ниво, најверојатно ќе се појават нови варијанти на вирусот, поради што следењето и евалуацијата остануваат клучни“.
-Исто така сум особено загрижен за многу земји кои имаат ниски стапки на вакцинација, бидејќи луѓето се многу повеќе изложени на ризик од сериозни болести и смрт доколку не се вакцинираат, истакна Тедрос.
Директорот за вонредни ситуации на СЗО, Мајк Рајан, предупреди дека зголемената преносливост на омикрон веројатно ќе доведе до зголемување на хоспитализациите и смртните случаи, особено во земјите каде што се вакцинирани помалку луѓе.
-Експоненцијалното зголемување на случаите, без разлика на тежината на поединечните варијанти, доведува до неизбежно зголемување на хоспитализирањата и смртните случаи, рече Рајан.