Бродот што спасуваше мигранти престанува со работа: „Очекувајте повеќе удавени“

Невладините „Лекари без граници“ (MSF) и SOS Mediterranée објавија дека ќе ги прекинат спасувачките операции на нивниот хуманитарен брод „Аквариус“.

„Аквариус“ стана симбол на политичката криза околу пристапот кон мигрантите, особено кога пред два месеца остана без знаме под кое може да плови.

Директорот на SOS Mediterranée – Фредерик Пенар, вели дека одлуката била многу тешка и изрази жалење поради константните напади на бродот и неговата посада.

Дел од анти-миграциски настроените критичари, на пример, ги обвинуваат овие невладини дека под маската на хуманитарноста всушност работат за профит, со што истовремено со тоа ги поттикнуваат и шверцерите на мигранти, а и дополнително ја стимулираат миграцијата кон Европа.

Од невладината организација (чие седиште е во Марсеј), од друга страна, велат дека веќе активно се разгледуваат опциите за нов брод и ново знаме под кое ќе може да се плови, со цел да продолжат со спасувачките мисии.

„Одбиваме да седиме со скрстени раце на брегот додека луѓето продолжуваат да умираат на море“, вели Пенар.

Во посебното соопштение на Лекари без граници, директорката вели дека денот на укотвување на „Аквариус“ е тежок ден и дека тоа ќе значи повеќе мртви во морето.

„Аквариус“ спроведуваше спасувачки операции кај Либија од 2016-та година, а од октомври е закотвен во Марсеј во очекување да добие знаме под кое може да плови, откако дозволата му ја повлекоа Гибралтар, а потоа и Панама. Италијанскиот суд во ноември побара бродот да биде запленет, поради случај со нелегална преработка на отпад.

Од почетокот на операциите, екипажот на „Аквариус“ има спасено повеќе од 30.000 луѓе. Меѓутоа, проблемите почнаа кога Матео Салвини стана министер за внатрешни работи на Италија, па земјата ги затвори своите пристаништа за хуманитарните бродови. Оттогаш „Аквариус“ наидува на сé повеќе препреки.

„И покрај неодамнешните напори на невладините организации, во моментов нема ниту еден брод посветен на спасување во Медитеранот, каде животот го изгубија 2.133 луѓе“, велат од Лекари без граници.

- Реклама -