И британската регулаторна агенција размислува да ја забрани вакцината на AstraZeneca за помлади од барем 30 години

Поради многу ретки случаи на згрутчувања во крвта, сега и британското регулаторно тело го разгледува предлогот да ја забрани употребата на вакцината на Оксфорд и AstraZeneca кај помладите луѓе, објави денеска британската Channel 4, пренесува Reuters.

„Два високи извори ни открија дека иако податоците се сѐ уште нејасни, се зголемуваат аргументите за оправданоста на луѓето помлади од барем 30 години, да им се понуди друга вакцина“, објави Channel 4.

И британското регулаторно тело, MHRA (Medicines and Healthcare products Regulatory Agency), како и Европската агенција за лекови, претходно тврдеше дека бенефитите од вакцината во превенцијата од Ковид-19 го надминуваат било кој можен ризик од крвно згрутчување. Сега и MHRA и Комисијата за имунизација итно преиспитуваат дали и помладите луѓе, посебно жените, можеби се под поголем ризик да добијат потенцијално смртоносно згрутчување на крвта од вакцината на AstraZeneca отколку од смрт од Ковид-19, се вели во прилогот на Channel 4.

„Дури и да е тоа така – дека ризикот од вакцината е повисок отколку да се заразите и да починете од Ковид-19, тоа е сепак многу, многу мал ризик, значително помал од ризиците со кои се соочувате во секојдневниот нормален живот“, вели пензионираниот реномиран професор по Здравствената психологија – Роберт Вест.

„Тешко е да се каже колкав е ризикот, бидејќи е толку ретко, но се проценува дека ризикот е некаде меѓу 1 и 10 до 15 наспрема милион (1:1.000.000 до 15:1.000.000)“, додава тој.

- Реклама -