Британската кралица Елизабета II денес слави 90-ти роденден, а по тој повод Кралската пошта објави маркица на која, освен неа, се наоѓаат и принцот Чарлс, принцот Вилијам и принцот Џорџ. Се работи за нејзиниот син, внук и правнук – тие се и први во редот за наследување на британскиот престол.
Елизабета е кралица со најдолг стаж на престолот во британската историја.
Вели дека денес не планира голема журка. Наместо тоа, ќе прошета во паркот во Виндзор, а вечерта ќе ја помине со семејството.
Роденденот на британската кралица се одбележува два пати годишно: првиот е на самиот ден на раѓање – 21 април, а другиот, официјално, во јуни, кога се поголеми шансите да биде сончево и суво за парада.
Популарноста на кралското семејство беше најниска во времето на смртта на Дајана во 1997, но се врати со венчавката на принц Вилијам и Кејт Мидлтон и со раѓањето на нивите две деца – принцот Џорџ, сега трет во редот за престолот, и принцезата Шарлот.
Елизабета II е родена во Лондон како Елизабет Александра Мери Виндзор. Кралица стана на 6 февруари 1952 година, кога имаше 25. Минатата година, на 9 септември, по должината на престој на престолот ја помина и својата прапрабаба Викторија (1837-1901), која владееше 63 години, 7 месеци и 2 дена.
Со принцот Филип е во брак веќе 68 години. За време на нејзиното владеење се променија 12 премиери, почнувајќи со Винстон Черчил. 7 кантербериски надбискупи ја претставуваа на чело на Англиканската Црква, а првиот од нив – Џефри Фишер, беше тој што ја венчаше и ја круниса.
Има посетено 117 земји и пропатувано 1.7 милијарди километри, а е единствената Британка која нема пасош. Британските пасоши всушност се издаваат во нејзино име, па би било глупаво сама себе да си даде дозвола за патување. Истото важи и за личната карта, возачката дозвола, а и други документи.
90-от роденден го дочекува попопуларна од било кога. Иако е во доцна доба, само 1 од 5 Британци сакаат кралицата да абдицира, што веројатно и нема да се случи.
Иако родендените досега ги славеше само приватно, оваа година тоа ќе биде поинаку. Премиерот Дејвид Камерон ќе ѝ оддаде почит во парламентот, а топовите ќе запукаат во Лондон во нејзина чест. На вечерната свеченост ќе ѝ присуствува целото кралско семејство, а утре ќе ја посети и американскиот претседател Барак Обама.