Британска компанија воведува „менструално отсуство“ за жените

womenmenstruation[1]

Една британска компанија ќе им го олесни животот на вработените од женскиот пол – ќе им дозволи да не работат во деновите кога имаат месечен циклус.

Новата иницијатива има за цел прилагодување кон женските „природни ритми“ со цел да се создаде среќна и продуктивна работна средина. Директорот на компанијата, во која работат 31 вработени, од кои седум мажи – Бекс Бахтер (40), сака да ја промени стигмата околу „женските прашања“.

„Сум видел жени за време на работа, кои се буквално свиткани на половина заради болката предизвикана од нивните месечни циклуси или моментални болки. А сепак, тие не се чувствуваат удобно да си заминат дома. А тоа е неправедно. Ние работиме заедно и треба да покажеме разбирање. Ако некого нешто го боли, без разлика од каков вид е оваа болка, тој мора да биде охрабрен да се врати дома”, вели Бекс.

„Сакаме да воведеме политика која ги признава и им овозможува на жените да живеат во согласност со природниот циклус на телата, без тоа да биде ставено под етикетата на болест“.

Се смета дека ваквата акција ќе ја зголеми продуктивноста на жените на работното место.

„Владее погрешно верување дека слободното време е непродуктивно – a всушност тоа ја синхронизира работата со природните циклуси на нашето тело. За жените, еден од тие циклуси е менструалниот. Во тие денови, на телата на понежната половина од човештвото им е потребен одмор. По завршувањето на овој циклус, жените се три пати попродуктивни од обично“, вели Бекс.

Ваквата политика на работното место не е ништо ново. Менструалното отсуство се појавува уште во 1947-мата, во Јапонија. Закони кои им овозможуваат на жените да земат одмор кога имаат менструални болки има и во други земји, вклучувајќи ги Јужна Кореја, Тајван и Индонезија. Од неодамна им се приклучи и кинеската покраина Анхуи, која ќе им дава одмор на жените што ќе донесат лекарска потврда дека месечниот циклус им пречи во работата и расположението. Спортскиот гигант Nike, пак, е единствената компанија во светот, која и официјално го има вклучено менструалното отсуство во својот кодекс за однесување на работното место.

Ќе биде уште подобро ако вакви промени се воведуваат чисто од човечност и колегијалност, а не во име на поголема продуктивност, ама и ова е добро за почеток.

- Реклама -