Обединетото Кралство воведе санкции против 35 лица и организации поврзани со регрутирање ранливи мигранти за учество во војната во Украина, како и за производство на дронови кои се користат во конфликтот, соопштуваат агенциите. Според информирањето од британскиот Форин офис, воведени се 17 мерки во рамките на режимот на санкции за нерегуларни миграции. Овие мерки се насочени кон мрежи за трговија со луѓе, кои, според британските власти, вршат префрлување на лица на фронтот во Украина.
Дополнително, воведени се и 18 санкции во рамките на режимот против Русија, од кои дел се фокусирани на програми за кои Лондон тврди дека користат “измамнички методи” за регрутирање луѓе, особено од Камерун, за производство на дронови. Британскиот министер за санкции, Стивен Даути, истакна дека “експлоатацијата на ранливи луѓе за поддршка на руската војна во Украина е варварска”, додавајќи дека новите санкции ќе ги нарушат механизмите преку кои мигрантите се испраќаат на фронтот и се вклучуваат во руската воена индустрија.




