Данокот што Британија го воведе врз пијалоците кои содржат шеќер веќе покажува ефект, особено врз производителите.
Британската влада го воведе данокот во 2016 година, како дел од напорите за справување со дебелината кај децата. Идејата беше дека данокот ќе резултира со послаба потрошувачка на пијалоците, што ќе доведе до подобра здравствена состојба, особено кај децата. Се прогнозираше дека данокот ќе внесе околу 632 дополнителни милиони долари во буџетот.
Производителите на пијалоци, меѓутоа, поттикнати од стравот дека зголемените цени на нивните производи ќе ги одбијат потрошувачите, молскавично реагираа за да го избегнат данокот – со политика на намалување на шеќерот во своите производи.
Според податоците на Бирото за буџет, приходите од новиот данок, до крајот од 2016-та година, изнесуваа 462 милиони долари. Тоа што сумата е пониска од прогнозираната е директен резултат на намалувањето на тактиката на производителите.
Како и да е, ефектот е постигнат. Министерот за финансии – Филип Хамонд, објави дека е „воодушевен“ од намалениот приход, и дека во иднина очекуваат уште поголемо опаѓање; изјава мошне нетипична за министер за финансии.
„Производителите веќе ја намалија содржината на шеќер во нивните пијалоци, што значи и пониска прогноза за приходите од овој данок“, објаснува Хамонд.
Пијалоците со содржина на шеќер над 5 грама на 100 милилитри беа оданочени со данок во износ од 0.22 долари по литар, а ако содржината надминува 8 грама – данокот се накачува на 0.29 долари по литар.
Компанијата Lucozade Ribena Suntory веќе објави дека ќе ја намали содржината на шеќер во своите производи со 50% најдоцна до јули годинава. Тоа значи дека ќе содржината на шеќер во нивните пијалоци ќе падне под 5 грама на литар, со што целосно се избегнува данокот.
Coca-Cola исто така најави дека веќе работи на измени во формулите на своите пијалоци. Според нив, веќе ја имаат намалено содржината на шеќер во производите како Sprite и Fanta наменети за британскиот пазар, за 30%.
PepsiCo, кои поседуваат брендови како Gatorade и Tropicana, исто така ја намалуваат содржината на шеќер. Околу 2/3 од нивните пијалоци ќе имаат 100 или помалку калории до 2025 година.
Владата очекува дека данокот ќе помогне во борбата против гојазноста кај децата – параметар според кој Британија е една од најзагрозените земји. Едно на секои пет деца во земјата има прекумерна тежина. Шеќерот игра главна улога.