IT консултантот Џон Грин полни боци со воздух од швајцарските Алпи и планира да ги продава на купувачите во загадените градови ширум светот.
Овој Британец веќе 20 години живее во Базел и смета дека алпските земји имаат „најдобар воздух во светот“. Тој гарантира дека запечатените боци што ги продава содржат „вистински планински воздух“.
„Навистина одам на 3.000 метри надморска височина да соберам воздух. Сигурно не го собирам на некој паркинг. Овде живеам 20 години и сфатив дека Швајцарците не знаат што имаат. Воздухот овде е навистина нешто посебно“, вели Грин за Mirror.
За доказ, на секоја од боците ќе има сертификат за автентичност со GPS координатите од локациите од каде што е собран воздухот. На сертификатот ќе стои и личниот потпис на Грин.
„Уште не сум продал ниту една боца, со оглед дека со работава почнав да се бавам само пред неколку дена. Меѓутоа, сигурен сум дека наскоро ќе почнат да се јавуваат купувачи“, самоуверен е Грин.
А воздухот од регионот Цермат што го продава тој нема да биде евтин. Пола литар ќе чини 97 долари, литар ќе чини 167 долари, а три литра ќе чинат 247 долари.
Секој нормален ќе си помисли дека бизнисов на Грин е една голема глупост. Но ќе згреши, барем од аспект на тоа дека веќе е стара фора која всушност успева. Во последниве години се јавија барем неколку неколку луѓе и компании кои продаваа ветер и магла… овај, воздух, и притоа направија пари. Примери имате ТУКА, ТУКА, ТУКА и ТУКА.
Наше е да ве потсетиме, денес ќе најдете купувачи за сé.