Британец ги посетил сите држави во светот без летање

Британски авантурист стана првиот човек кој ги посетил сите држави во светот без да се качи на авион кога во понеделникот пристигнал во Јужен Судан, најновата нација во светот.

Греам Хјуз користел автобуси, бродови, такси возила, возови но никогаш авион за да премине 257.495 километри во точно 1.426 дена, трошејќи во просек помалку од 100 долари неделно. „Сакам да патувам и мислам дека мојата мотивација беше да видам дали ова е возможно“ изјавил господин Хјуз за Monitor Monday.

„Мислам дека сакав и да покажам дека светот не е големо, страшно место, туку дека е полн со луѓе кои сакаат да ви помогнат дури и ако не ве познаваат.“ Триесет и три годишниот Хјуз тргнал од својот дом во Ливерпул во северна Англија на 1 јануари 2009 година. Од тогаш тој посетил 193 членови на Обединетите Нации плус Тајван, Ватикан, Палестина, Косово, Западна Сахара и четирите нации во Обединетото Кралство.

Guinness World Records потврдил дека Хјуз, кој го снимал патешествието за документарен филм и собирал пари за добротворната организација Water Aid, е првиот човек кој го постигнал овој подвиг без ниту еден лет.

„Главното чувство денес е неверојатна благодарност за секоја личност во светот која ми помогна да го завршам мојот пат, давајќи ми превоз, место за спиење или дури само и упатства“ додал Хјуз. „Имаше ситуации, кога бев на автобуска станица во Камбоџа во еден часот наутро, или во камион по лоши патишта кога се запрашав зошто го правам ова?’ Но секогаш имав причина да продолжам.“

- Реклама -