На самиот влез на малиот бразилски град Cândido Godói ќе ве пречека натпис во стилот на „Добродојдовте во Гарден Сити и земјата на близнаците“. Малото фармерско гратче има популација од околу 6.600 жители, од кои дури 700 се близнаци. Тоа значи дека отприлика на секоја 1 од 10 бремености, се раѓаат близнаци, што е значително повеќе од глобалната просечна стапка.
Гратчето е гордо на оваа своја карактеристика, а тоа го прославуваат и секоја година, приредувајќи фестивал со фокус околу статуа на жена која држи две бебиња.
Cândido Godói е имигрантско гратче – повеќе од 80% од жителите се од германско потекло, а некои од нив и ден денес меѓусебно зборуваат на германски или германски дијалект.
Мистеријата околу тоа зошто има толку многу идентични и „обични“ близнаци го прави едно од најфасцинантните места во јужен Бразил. Феноменот послужил како инспирација за бројни книги (што научни, што фиктивни), но исто така и за бројни истражувања од научници од целиот свет.
Една од побизарните, но и спорни теории, е дека Јозеф Менгеле – нацистичкиот доктор познат како „Ангелот на смртта“ во 1963 година спроведувал генетски експерименти во градот. Според некои сведоштва, Менгеле во 1960-тите патувал низ југот на Бразил претставувајќи се како ветеринар и под псевдоним, сé со цел да спроведува експерименти кои резултирале со висока стапка на близнаци.
Теоријата е дискредитирана како мит, но сепак, познато е дека Менгеле умрел токму во Бразил во 1979 година, како и дека спроведувал смртоносни експерименти врз близнаците во Аушвиц, надевајќи се дека евентуалните откритија ќе ја зголемат стапката на наталитет меѓу ариевската раса.
Некои од локалните жители веруваат дека има нешто чудно во водата, во форма на некаков мистериозен минерал. Како и да е, научниците открија генетска предиспозиција за раѓање на близнаци, а претпоставуваат дека се должи на инцестното размножување меѓу имигрантската заедница.