„Одредбите од Законот за употреба на знамињата се јасни и јавни. Сè што е утврдено во Законот, треба да го почитуваат сите. Што се однесува на настанот во Охрид, таму веќе имаме првична судска одлука, а Владата не коментира судски одлуки. Меѓутоа, штом судската одлука е таква каква што е, очигледно дека постојат некои прекршувања на Законот за употреба на знамињата“, порача владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање околу изјвата на вицепремиерот Бујар Османи за поставеното албанско знаме на Самоиловата тврдина.
Прашан дали истите санкции ќе се преземеа ако беше поставено друго знаме, а не албанското, Бошњаковски повтори дека Законот важи секаде и за сите, без разлика кое е конкретното знаме:
НОВИНАР: „Доколку беше поставено друго знаме… Еве овојпат беше албанското знаме, што за жал во некои од медиумите се интерпретираше како знаме од друга држава, а не како знаме што го користат 25, 30% или колку се Албанци тука.Дали ако беше ставено руското, американското, турското или друго знаме, би се постапило исто од органите на власта; да се донесе веднаш пресуда, за 24 часа, а знаеме колку говор на омpaза имаме тука и не се донесени такви осуди, условно речено?“
БОШЊАКОВСКИ: „Уште еднаш, не би навлегувале конкретно да ја коментираме судската одлука. Но, очигледно дека секое прекршување на Законот за употреба на знамињата се санкционира, без разлика кое е знамето. Си имаме во Македонија Закон за употреба на знамиња, со јасни одредби, со јасни клаузули, со разни членови. Секаде каде што тоа е дозволено, тоа е дозволено. Тоа е закон и тоа сите треба да го почитуваат, без разлика за кои знамиња станува збор. Доколку има прекршување на тој закон, апсолутно дека следуваат санкции“.
На констатацијата од друг новинар дека во случајот во Охрид се работело за „меѓународна манифестација“ и Законот таква употреба на знамињата не предвидува, Бошњаковски повтори дека Владата нема да навлегува во толкување на судски одлуки и пресуди.