Некои помеѓу вас веројатно добро се сеќаваат на култните боросани. Овој тренд којшто беше осмислен токму во бивша Југославија, остана забележан, но не и омилен.
Но она што за Југословените беше крајно неатрактивно, токму на светските креатори им послужи како инспирација.
Боросаните своевремено ги носеа главно угостителските работнички или жените коишто на работното место голем дел од времето го минуваа стоејќи, а ги произведуваше Југословенскиот комбинат за гуми и обувски Борово, при што изборот на бои беше прилично едноличен – сина и бела.
Како модел, боросаните не беа проследени со обожување, но и покрај тоа прераснаа во тренд, па и повеќе од тоа. А како што минува времето, кога ќе се присетиме на Југославија, тие се наметнуваат токму како еден од нејзините симболи.
И додека регионот веќе одамна се збогува од боросаните, тие најдоа свое место токму на светската модна сцена. Нивниот голем камбек се случи во 2009-та година, на Њујоршката модна недела, кога модната куќа “Lacoste” ја претстави својата колекција за тогаш претстојната сезона пролет/лето.
Оваа модна куќа таа вечер ја постигна и својата цел, а публиката во Њујорк воодушевено ги поздрави нивните нови креации, при што интересно беше да се видат реакциите на домашните трендсетери и љубителите на “крокодилите”, кога нивното омилено животно се појави токму на култните боросани.
На ревијата тогаш беа претставени боросани од платно во бела и црна боја, со отворени прсти, отворена пета и ниска потпетица.
Посебно е интересно што тие на оваа ревија беа претставени како дел од изгледот на џет сетот, наменети за опуштени моменти на тениските терени. Всушност ова е комплетна спротивност од она како истите се третираа во Југославија!
Од друга страна пак, овој вид на обувки во Југославија беа проследени и со одредени предрасуди. По сè изгледа дека било доволно само да се промени аголот на гледање на овие култни обувки.
Денес, удобните боросани можеме да ги најдеме речиси во сите бои и дизајни. Па, кој би рекол дека некогашните женски работнички обувки од социјалистичкиот пазар, коишто се продавале со рекламниот слоган “Rad je odmor cijelog dana u obući Borosana!”, ќе прераснат во вистински моден хит на новиот век?
И без оглед на тоа дали ви се допаѓаат или не, боросаните секогаш ќе важат за нешто многу повеќе од обични обувки. Тие се симболот на старите, добри времиња.