„Со таква влада можам да управувам само јас. Да ја заштитам од влијанието на земјите што ќе се обидат да формираат кабинет од други партии“, вели лидерот на ГЕРБ
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, пред почетокот на првата седница на 51. Народно собрание најави можност за формирање влада со коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Има таков народ, пренесува бугарската новинска агенција БТА.
Според него, бугарската влада може да се формира без учество на ДПС – Нов почеток – фракцијата на Дељан Пеевски, Алијансата за права и слободи (доганска фракција), „Преродба“ и партијата МЕЧ, зашто смета дека со тие партии се од различни идеолошки семејства.
Посочи дека изборот за претседател на Народното собранието е само почеток на преговорите, а оти ГЕРБ-СДС повторно предлага оваа функција да ја преземе Раја Назарјан, која беше претседателка и 50. Народно собрание.
Дециден е дека тој ќе биде единствениот кандидат на ГЕРБ-СДС за премиер и нема да има друга партиска фигура за оваа функција.
„Таква влада можам да управувам само јас. Да ја заштитам од влијанието на земјите што ќе се обидат да формираат кабинет од други партии“,
рече Борисов.
Лидерот на Преродба, Костадин Костадинов, од собраниската говорница рече дека без „Преродба“ не може да има стабилна и долготрајна влада.
Аналитичарите најавуваат нова политичка криза во Бугарија и можни нови избори.
Пред зградата на бугарскиот парламент е тензично, а најавени се седум протести на кои се очекува да излезат меѓу 3 000 и 5 000 луѓе. Полицијата го обезбедува просторот во центарот на Софија, а сообраќајот е пренасочен.
Партијата ГЕРБ на Бојко Борисов победи на парламентарни избори во Бугарија одржани на крајот од минатиот месецот, седми одржани за последните четири години. Но, за да формира влада, ќе мора да најде коалициски партнер.
Избраните пратеници на седмите парламентарни избори во Бугарија одржани на 27 октомври, денеска положија заклетва на првата конститутивна седница на 51. Народно собрание.