Борисов по првичните резултати: Нема да има влада ако осум партии влегуваат во парламентот

Посочи дека е подготвен да коалицира со сите што ја поддржуваат програмата на ГЕРБ-СДС, освен со партијата „Преродба“, со која, рече дека имаат идеолошки разлики

Сигурна е победата на ГЕРБ-СДС. Се обврзавме да формираме влада. Ова вечерва на прес-конференција во седиштето на партијата со сопшти Бојко Борисов, лидерот на ГЕРБ, по првичните резултати на денешните избори во Бугарија, на кои неговата партија е во водство, пренесува Бугарската национална телевизија (БНТ).

Од вечерашната прес-конференција на лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов / Фото: Принтскрин

Му се заблагодари на бугарскиот народ што ја подигна излезеноста на гласањето на изборниот ден.

„Можеме да прифатиме многу компромиси, но не можеме да го замениме гласот на народот“,

рече тој.

Посочи дека е подготвен да коалицира со сите што ја поддржуваат програмата на ГЕРБ-СДС, освен со партијата „Преродба“, со која, рече дека имаат идеолошки разлики.

„Парламентот е математика. Бројот на партии е од големо значење. Отсекогаш сметам дека треба да се подигне долната граница на партиите и на коалициите за влез во парламентот. Ако сите овие партии влезат во парламентот, уште од сега знам дека нема да има влада“,

вели Борисов.

Според него, победата на ГЕРБ е сигурна, а доказ за тоа е и оти нема ниту поплаки за купени гласови и манипулации.

Коментирајќи го предлогот за кабинет воден од премиер независен од сите партии, Борисов рече дека тоа е неправедно и е изневерување на гласот на народот, но и дека нема да дозволи тоа да се случи.

На денешните избори за Националното собрание учествуваа 19 партии, девет коалиции и еден независен кандидат. За да се формира влада во Бугарија, потребни се 121 пратеник.

Според излезните анкети на агенцијата „Алфа рисрч“, партијата на Борисов освоила 26,4 отсто од гласовите или 74 мандати.

Анкетата посочува дека втора е коалицијата „Продолжуваат промените – демократска Бугарија“, предводена од Кирил Петков, со освоени 14, 9 отсто од гласовите или 42 мандати во парламентот. Трета политичка партија според освоени гласови е Преродба со освоени 12,9 отсто или 36 мандати.

На четврто и петто место се двете политички партии што на овие избори се поделија од поранешната партија Движење за права и слободи (популарната турска партија).

Граѓаните на Бугарија денеска избираа 240 пратеници во 51. Народно собрание. Ова беа седми избори во последните четири години, а шести предвремени по редовните на 4 април 2021 години.

- Реклама -