„Се надевам дека историчарите не само што нема да нè попречуваат, туку и ќе вложат огромни напори за да го пронајдат правилното изразување на историјата, кое ќе нè обединува“, рече бугарскиот премиер Бојко Борисов на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев при неговата денешна посета на земјава по повод две години од потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија.
„За да ги обединиме максимално напорите не само што не треба да се одложуваат средбите на комисијата, туку треба секојдневно да работи. Малку време имаме за да ги заклучиме конфликтните теми. За сè тоа за кое расправаме – хероите, тие си го дале животот, енергијата, се жртвувале, за да можеме да стоиме заедно. И сега токму на таа тема да расправаме – просто не е чесно кон нивната идеологија, цел, мечта, ако сакате. Тие мечтаеле за автономија, права на луѓето. И сето тоа, гледате, го има и го развиваме“, додаде Борисов.
Прашан од повеќе новинари дали Бугарија ќе го блокира почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ на Македонија, ако заедничката историска комисија не донесе одлука по прашањето за Гоце Делчев до октомври, Борисов, како и Заев, порача дека комисијата мора да донесе решение и не сака ни да размислува дека може да се случи спротивното.
„Дури не ни сакам да помислам дека може да стигнеме до поставување на услови од Бугарија за членството на Македонија во ЕУ, особено не по сите напори кои ги направивме. Да се наложи баш јас да кренам рака против Северна Македонија ќе биде просто нечесно. Зоран е сведок како се борев со Франција, со Германија. Денес, кога летавме со хеликоптерот, професор Димитров (Ангел Димитров – историчар и шеф на бугарскиот дел од заедничката комисија) ми одржа лекција – на секој рид над кој прелетавме, зaгинaлe десетици илјади луѓе. Ридови натопени со кpв. Умиpaле луѓето за ние да живееме мирно. Еднаш реков северномакедонци и овде кај вас сè и сешто изнапишаа. Се извинувам, го кажав без никаква намера. Според тоа како пишувавте, излезе како да сум ви yбил некој“, рече Борисов.
„Северна Македонија прави и направи многу. Ако го гледаме нашиот, бугарски интерес, нема подобро од тоа Северна Македонија да влезе во ЕУ и НАТО. Знаете, сега кога ќе дојдат новите воени авиони ќе можеме да ѝ помагаме и на Северна Македонија, да го чуваме воздушниот простор. Само да не рече некој дека и ќе ги напаѓаме сега“, се пошегува Борисов, изнудувајќи смеа од премиерот Заев и присутните новинари во прес салата.
„Бугарија никако не се меша во работите на Северна Македонија. Јас исто така внимателно ги следам вашите медиуми и на мое големо жалење гледам силно влијание против Бугарија. Да прашам: Што посакала Бугарија од Северна Македонија, а што не сме направиле за Северна Македонија? Мицкоски ми е пријател, од исто политичко семејство сме. Зошто такви тиради на злоба кон Бугарија, што сме ви згрешиле? Нашите херои, кои зaгинaле, ги имале токму тие цели – да бидеме браќа, да имаме просперитет и големи приходи. Зашто тоа е најголемата цел на секој политичар, а ние со нашата политика доведовме до тоа да бидеме најсиромашни“, констатираше Борисов.