Борисов: Добро е што политичари како Пендаровски почнаа јавно да ја зборуваат вистината за Гоце Делчев и заедничката историја

Разговарав со претседателот на Северна Македонија – Стево Пендаровски. Среќен сум што со потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка им дадовме перспектива на граѓаните на Северна Македонија и ги создадовме соодветните услови за потпишување на Преспанскиот договор“, напиша на Фејсбук бугарскиот премиер Бојко Борисов по средбата со Пендаровски на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Сараево.

„Позитивно е што вистината за нашата заедничка историја, вклучително и за Гоце Делчев, започнува да се изјавува јавно од политичари на највисоко ниво, во случајов од него!“, додава Борисов. „Сето ова време, од 1992 година до денес, Бугарија настојуваше единствено на тоа“, потцртал Борисов, пренесуваат бугарските медиуми.

Од своја страна претседателот Пендаровски се заблагодарил за активната поддршка која Бугарија ѝ ја укажува на Република Северна Македонија на патот на нејзината европска иднина. „Вие сте нашиот најголем поддржувач“, му рекол Пендаровски на Борисов, пренесува „Dnes.bg“. Според порталот, Пендаровски потцртал дека на ниво на дипломатија, односите меѓу двете земји се прекрасни, како и дека е добро да ѝ се даде поттик на заедничката комисија за да работи уште поефективно.

Прочитајте и:  Не стивнуваат реакциите на бугарските политичари по изјавата на Николовски – се бара извинување и оставка на министерот

На средбата било констатирано дека двете држави се посветени кон унапредување на севкупните односи. Двајцата соговорници изразиле задоволство што Договорот за добрососедство внесол позитивна динамика во политичките односи меѓу двете земји, што се рефлектира и во останатите области. Претседателот Пендаровски истакнал дека Република Северна Македонија високо ја цени поддршката од Република Бугарија за добивање датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ и го поздравил ратификувањето на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, се вели во соопштението од кабинетот на Пендаровски.

„Земјите од Западниот Балкан различно гледаат на минатото, но заедничката цел за иднината им е членство во ЕУ“, рекол во тој контекст Пендаровски на Самитот на шефови на држави и влади на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), пренесува бугарскиот „24часа“.

- Реклама -