Борисов: Бугарија е единствената земја во Европа што не ги затвори храмовите за Велигден

Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска оствари средба со главниот муфтија во земјата – Мустафа Хаџи, во пресрет на празникот Рамазан Бајрам. На средбата, на која присуствуваше и Националниот оперативен штаб, централна тема беа мерките против пандемијата на Ковид-19, при што Борисов и Хаџи се договорија празнувањето на Рамазан Бајрам да се одвива со запазување на сите препораки, односно молитвата да се одвива надвор, пред и во дворовите на џамиите, држејќи минимална дистанца од 1.5 метар и со носење заштитни маски.

Борисов, притоа, истакна дека Бугарија е единствената земја во Европа, ако не и пошироко, која не ги затвори православните храмови за време на најголемиот христијански празник Велигден.

„Им заблагодарив и на Светиот синод, и на владиците, и на поповите, како и на сите верници, што многу строго се придржуваа до тоа што замоливме да се направи поради коронавирусот“, рече Борисов, обраќајќи му се на муфтијата: „Апсолутно истото важи и за вас – со почит кон религијата, користете маски и средства за дезинфекција, во дворот, пред џамијата, оџата може да ги спроведе молитвите“.

„Молитвата е врската со духовното. Затоа треба да се случи на соодветното место – во џамија“, додаде Борисов.

„Сакам да изразам благодарност кон вас лично, кон владата и кон Штабот, за тоа што го правите за целиот бугарски народ. Уште еднаш се гордееме што сме граѓани на Бугарија – од една страна за тоа што владата го прави за животот на Бугарите, и од друга – за мудроста на целиот народ да ги почитува правилата, за да може да не се шири таа болест, или ако се шири – тоа да е во помал размер“, одговори бугарскиот муфтија, изразувајќи надеж дека пандемијата наскоро ќе исчезне и луѓето ќе можат повторно да се соберат и зближат, бидејќи „на сите ни е неопходна блискост“.

За разлика од Бугарија, во Македонија, се чини, постои разидување меѓу Владата и Реисот Сулејман Реџепи. Додека Комисијата за заразни болести бара полициски час, ИВЗ со писмо ги предупреди Владата и релевантните opгани за последиците од таквата одлука.

 

- Реклама -