Борел: Нереално е да се очекува изменета Преговарачка рамка, ја добивте најдобрата зделка што можевте да ја добиете

„Иднината на Северна Македонија и нејзините граѓани е во рамките на ЕУ, бидејќи само заедно сме доволно силни да се соочиме со предизвиците на тешкото геостратешко опкружување. А за да стигнете во Унијата треба да продолжите да одите напред, и како држава, и како општество“, порача денеска високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија – Жозеп Борел, по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација, што се одржа во Скопје.

„Да се оди напред значи да се продолжи со усвојување и имплементирање реформи коишто воведуваат европски стандарди и коишто носат конкретни политички и економски поволности за луѓето тука“, истакна Борел на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски и еврокомесарот за проширување и соседска политика – Оливер Вархеји.

Борел потенцираше дека одењето напред подразбира и подобрување на односите со соседите, а во тој пакет, рече, спаѓа и создавање услови за усвојување на уставните измени.

Според него, оваа година е клучна по договорот од јули минатата година, кога, како што рече, земјава „ја добила најдобрата зделка што сме можеле да ја добиеме“. Не е реално, потенцираше тој, да се очекува повторно отворање и преговарање за Преговарачката рамка.

„На основа на таа рамка, вашата иднина е во ЕУ. Сега е време сите политички партии да си ги преземат своите обврски и искрено да работат на продолжување на оваа патека“, порача потпретседателот на ЕК.

Тој рече и дека лани во јули, во договор со сите 27 земји членки на ЕУ, Македонија ги отворила преговорите за членство, што, според него, е важен датум во историјата на земјата и нејзиниот пат кон ЕУ.

„Вратите за целосно членство се сега отворени. Нашиот состанок денеска претставуваше добра шанса да се види што е веќе направено, што е постигнато од Северна Македонија и како изгледа работата на потребните критериуми за членство, и од економски, и од политички аспект“, истакна Борел.

Прочитајте и:  Борел: Трамп на чело на САД не е крај на светот, туку почеток на нов, поинаков

Тој потсети дека Советот за стабилизација и асоцијација, како највисок политички форум за дијалогот помеѓу ЕУ и држава кандидат, вообичаено се одржува во Брисел или во Луксембург, а со тоа што денеска првпат се одржува во Скопје, Унијата сакала, рече, да покаже колку го цени прогресот што сме го постигнале на нашиот европски пат, но и колкаво значење ЕУ им придава на односите со земјава, како нејзина идна членка.

„Тоа што го одржавме денеска тука овој Совет е јасен знак дека ЕУ ви се приближува и ви покажува дека Западниот Балкан ќе продолжи да биде и во иднина клучен приоритет за ЕУ и важен дел од нашата геополитичка димензија“, додаде Борел.

Информирајќи за темите на состанокот, тој рече дека се разговарало за тоа кои задачи ѝ претстојат на земјава, особено во делот на владеењето на правото, правосудниот систем и борбата против корупцијата, но и дека се разговарало и за регионалниот и меѓународниот контекст, вклучително и геостратешките ризици од „нелегалната агресија на Русија врз Украина“. Пофалувајќи ја усогласеноста на земјава со мерките на ЕУ против Русија и потенцирајќи дека ЕУ многу ја цени важната помош што Македонија ѝ ја дава на Украина, Борел оцени дека земјава е добар партнер на ЕУ и покажува огромна посветеност и добра подготовка да го продолжи процесот на пристапување.

Клучно е, според него, да се надгради неодамнешниот напор и да се продолжи со реформите, за да не се дозволи враќање наназад или одложување.

„ЕУ ќе стои до вас, ќе ве поддржи, ќе ви дава насоки, ќе ве поддржува и во овие тешки времиња и ќе ѝ помогне на Владата да обезбеди субвенции за сметките за струја на нејзините граѓани. Но, нашата поддршка и помош е многу поширока и е наменета за сите луѓе тука, но и за луѓето во ЕУ, бидејќи се трудиме да изградиме заедничка иднина“, рече Борел.

Извор: МИА

- Реклама -