Геноцидот во Сребреница од пред 29 години е еден од најмрачните моменти во модерната европска историја и наша должност е да го почитуваме споменот на над 8.300 момчиња и мажи кои беа систематски убиени на ридовите околу овој босански град, порачаа високиот претставник на Европската комисија за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел и еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји во заедничка изјава по повод 29-годишнината од геноцидот во Сребреница
– Ги повикуваме лидерите да ја отфрлат реториката за поделби и да дејствуваат со вистина, правда, доверба и дијалог. Заздравувањето на раните од минатото бара признавање и поучување на историските факти, изразување почит и сеќавање на жртвите, идентификување на оние кои се уште се водат како исчезнати и изведување на сите виновници пред лицето на правдата. Ова е клучно за соочување со корените на омразата што доведоа до геноцидот, се наведува во изјавата.
Борел и Вархеји посочуваат дека треба сите заедно да градиме мостови за помирување.
– Меѓу нас нема место за оние кои го негираат геноцидот, се обидуваат да ја прекројат историјата и ги величаат воените злосторници, се додава во изјавата.
Во неа натаму се посочува дека во март годинава, Европскиот совет одлучи да ги започне преговорите со Босна и Херцеговина за пристапување во ЕУ, што претставува клучна можност за земјата да напредува во реформите за зајакнување на демократијата, просперитетот и безбедноста на нејзините народи и за нејзино приближување до членство во Унијата.
– Ја повторуваме нашата недвосмислена посветеност на иднината на Босна и Херцеговина во ЕУ како единствена, обединета и суверена земја, се додава во изјавата на Борел и Вархеји по повод 29-годишнината од геноцидот во Сребреница.
За време на Војната во БиХ, силите на босанските Срби во периодот од 11 до 31 јули 1995 година убија над 8.300 бошњачки мажи и момчиња во околината на Сребреници, откако претходно презедоа контрола врз овој град што беше прогласен за „безбедна зона“ под заштита на ОН.
Според податоците на Федерална комисија за исчезнати лица на Федерацијата БиХ, на листата на исчезнати или убиени за време на масакрот во Сребреница се наоѓаат имињата на 8.372 лица. Досега се идентификувани посмртните остатоци на 6.838 жртви на геноцидот, од кои 6.671 се погребани во Меморијалниот центар во Поточари.