Борел: ЕУ многу ја цени важната помош што Северна Македонија ѝ ја обезбеди на Украина

„Северна Македонија покажа јасна поддршка на надворешната политика на ЕУ и конзистентно целосно хармонизирање со нашите позиции и одлуки, вклучувајќи ги и санкциите кон Русија“, изјави високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија – Жозеп Борел, по денешниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација, што се одржа во Скопје, кој, според него, е доказ за доближувањето кон ЕУ.

Тој потенцираше дека ЕУ многу ја цени „важната помош“ што земјава ѝ ја обезбеди на Украина.

Со своите стратешки избори, рече тој, државата покажала вистинско европско однесување и посветеност на заедничките принципи и вредности. Притоа, Борел ја пофали и нашата улога, како претседавач со ОБСЕ, во одбраната на тие европски вредности.

Прочитајте и:  Белоусов: Украинската воена кампања за 2025 година пропадна

„На тој начин Северна Македонија покажува дека е добар партнер на ЕУ. Но, јас знам и сите знаеме дека во исто време оваа позиција Ве прави и мета на акции на непријателски активности од оние коишто се противат на меѓународните принципи. И затоа сме посветени да ја изградиме вашата отпорност“, потенцираше, исто така, Борел.

Тој посочи дека е зајакнат дијалогот за справување со хибридни закани и кибер безбедноста, вклучувајќи ја и заштитата на критичната инфраструктура, но и повтори, како што најави и во интервјуто за МИА, дека ЕУ обезбеди девет милиони евра од Европскиот инструмент за мир за надградување на опремата на пешадискиот баталјон на Армијата.

Извор: МИА

- Реклама -