Борел бара уште 3.5 милијарди евра за фондот од кој се финансира воена помош за Украина

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика – Жозеп Борел, предложи да се надополни со уште 3.5 милијарди евра фондот за финансирање воена помош за Украина.

Според неименувани извори, Борел побарал од владите на земјите-членки на Унијата да обезбедат повеќе пари за Европскиот механизам за поддршка на мирот (ЕПСМ), фонд од кој околу 4.6 милијарди воена помош веќе е доделен на Украина.

Фондот, создаден во 2021 година, беше замислен како средство за ЕУ да им помогне на земјите во развој да купат воена опрема. Но, веднаш по руската инвазија врз Украина во февруари минатата година, Унијата одлучи да го искористи за да обезбеди оружје за Киев.

Прочитајте и:  Орбан: Европските компании плаќаат четирикратно повеќе за енергија од американските, ЕУ мора да ги преиспита санкциите против Русија

ЕПСМ е одвоен од европскиот буџет. Според правилата на ЕУ, централниот буџет на Унијата не може да се користи за финансирање воени операции. Војната предизвика фондот да ги искористи своите средства многу побрзо од предвиденото. Тоа им овозможува на земјите од ЕУ кои ја снабдуваат Украина со оружје и муниција да повратат дел од направените трошоци.

МИА

- Реклама -