Борат ќе им ја плати казната на Чесите што носеле „манкини“ во Казахстан

Минатата недела, BBC пренесе вест дека казахстанската полиција уапсила шестмина Чеси во Астана, облечени во перики и дреч зелени „манкини“ (бикини, ама за мажи) како тоа на Борат, додека правеле фото-сесија. Уапсените биле казнети со по 67 долари од човек, под обвинение за „минорен хулиганизам“, по што биле пуштени на слобода.

Саша Барон Коен (познат и како Али-Џи), освен во улогата во филмот „Борат“ (целиот насов:  „Borat! Cultural Learnings of America for Make Benefit Glorious Nation of Kazakhstan“), го прослави бикинито и додека го шеташе на плажа во Кан, за време на промоцијата на филмот во 2006 година.

Веројатно понесен од чувство на одговорност за неволјата на своите фанови, Саша Барон Коен сега изјави дека ќе ги издвои потребните 400 и кусур долари за да им ја обесштети казната.

„До моите чешки другари кои беа уапсени, пратете ми ги деталите и доказ дека сте вие тие, и ќе ви ја платам казната“, напиша Коен на Фејсбук. Ако сакате да си ја пробате среќата, можете на arrestedforwearingyourmankini@gmail.com.

Што се однесува до филмот „Борат“, во САД и ширум Европа беше вистински хит. Во Казахстан, родната земја на Борат – не баш. Казахстан му забрани на Коен да го користи националниот .kz домејн, му се закануваше со тужби, а и размислуваше целосно да го забрани филмот.

Во текот на годините по премиерата на филмот, Казахстан како да омекна. Во 2012-та, тогашниот министер за надворешни работи рече дека му е „благодарен“ на Коен што придонел за десеткратно зголемување на туризмот во земјата. Кај и да е, можеби ќе омекнат и околу манкинито…

- Реклама -