Болница Гостивар-Пуштено во употреба обновеното невропсихијатриско одделение

Пациентите со потреба од третман на невропсихијатриското одделение во гостиварската општа болница „Д-Р Ферид Мурад“, како и персоналот во тој оддел, отсега имаат современи услови за лекување и за работа. Претпладнево, официјално беше пуштено во употреба целосно реконструираното одделение за невропсихијатрија.

Како што истакна директорот на болницата, Илбер Адеми ова е прв зафат за реновирање на овој оддел од самата изградба на објектот.

„На барање на лекарите и сестрите, кога го презедов мандатот како директор дојдов да ја увидам состојбата на одделението и самиот се згрозив. Кога ги видов просториите каде се прегледуваат пациентите, тоалетите, немаше никакви услови. Ова е единстветно одделение во кое не било инвестирано од самата изградба на зградата на болницата. Одлучивме првите средства што ќе ги акумулираме, да ги искористиме во реновирање на ова одделение. За период од една година се заврши се‘ и еве денес веќе на пациентите им овозможуваме подобри услови и за преглед и за болничко лекување, а персоналот има подобри услови за работа.“, изјави Адеми.

Одделението е со капацитет од 26 болнички кревети, а за пациентите се грижат пет лекари специјалисти и средномедицинскиот персонал.
„Во просек капацитетот на одделението се исполнува до околу 60%. Се трудиме до максимум да ги згрижиме пациентите овде, значи да не ги препраќаме во Скопје, освен кога се работи за други патологии кои не се за третирање кај нас. Инаку, имаме тројца психијатри и два невролози, што не е доволно и за да функционираме беспрекорно треба уште толку лекари. Со средномедицински персонал стоиме добро“, подвлече, д-р Гзим Исмаили, шеф на одделението.
За реконструирањето на невропсихијатриското одделение во болницата во Гостивар биле издвоени 3,9 милиони денари од буџетот на установата.
Сподели ја веста:

Извор