Бојко Борисов казнет со 150 евра за неносење маска

Бугарскиот премиер Бојко Борисов ќе плати казна од 150 евра поради неносење заштитна маска, спротивно на мерките против ширење на Ковид-19, при неговата посета на Рилскиот манастир.

Како што информираа од бугарското Министерство за здравство, Борисов без маска влегол во манастирот, односно во затворен простор, за што е предвидена казна од минимум 300 лева, пренесуваат бугарските медиуми.

Казнети, покрај Борисов, се и лицата од придружбата од неговиот кабинет, но и новинарите и сите останати присутни кои исто така не носеле маска.

Од денеска во Бугарија повторно е во сила задолжителното носење заштита за лице во сите затворени објекти, а за непочитување се предвидени казни во износ од 300 до 1.000 лева, односно од 150 до 500 евра.

- Реклама -