Бојан Јовановски барал да стане заштитен сведок

Бојан Јовановски пред да стане првообвинет во аферата со Меѓународниот сојуз побарал од обвинителството да биде заштитен сведок, дознава ТВ24. Неговото барање дошло откако пријавил дека стравува за својот живот и има закани за ликвидација. Но, Боки 13 не го доби овој статус , туку напротив е ставен прв на листата обвинети за измама и перење пари во неговата невладина организација.

Според нашите неофицијални информации, Јовановски кога бил прашан од кого трпи притисоци одговорил “НН лица (непознати лица)”. Сличен одговор дал и за дејствијата против него, односно не посочил конкретни случаи. Обвинителката Вилма Русковска не сака да коментира ништо во врска со овој случај, а од друга страна Сашко Дукоски, адвокатот на Јовановски во изјава за медиумите вчера потврди дека заканите доаѓале од високи претставници во државата, но дека во јавноста не сме да сподели ништо.

Јовановски за време на вчерашното рочиште најави дека сите информации сака да ги сподели со републичкиот обвинител Љубомир Јовески . Додека е во притвор Јовановски еднаш му испратил писмо на Јовески во кое му се пожалил за влошената здравствена состојба. Но, што сака да сподели Јовановски и за кого сака да зборува со јавиот обвинител засега останува енигма. Тој е обвинет во два случаи, во првиот заедно со Катица Јанева, а во вториот со Фросина Ременски, неговиот татко Миле Јовановски, соработничките Јасна Мандиќ и Христина Блажевска. Му се ставаат на товар измама и перење на пари.

- Реклама -