Богојески тврди дека обезбедил 5 милиони вакцини за Македонија, можеме да ги добиеме за 1 ден

Пет милиони вакцини од Астра Зенека од Велика Британија во  моментов ѝ се на располагање на Македонија и истите би пристигнале ден откако би биле порачани, тврди Петар Богојески, основачот и лидер на Македонски концепт, кој вели дека успеал да ги обезбеди вакцините со помош на свои лични контакти, а инспириран од неуспесите на власта да го стори тоа.

„По она понижување кај Бојко Борисов за 100 вакцини и по бламирањето со српскиот претседател Вучиќ, ја прели чашата и затоа се обратив директно до тие луѓе. Два дена се истражуваше и токму синоќа добив потврда дека имаат на залиха 5 милиони вакцини кои нам ни стојат на располагање или само дел од тоа, зависи колку сакаме ние“, вели Богојески за „Фактор.мк“, откако и самиот ја соопшти веста на својот Фејсбук профил. Според него, оваа шанса не смее да се пропушти, но следниот чекор треба да го направат Владата и институциите, односно ресорниот министер.

„Обезбедени вакцини за Македонија! Должност на секој од нас е да помогне на татковината кога ѝ е најтешко!

Мачнина ми паѓа кога гледам на каков срам и измачување, потсмев и омаловажување е изложен нашиот народ! Затоа се вложив себе си и своите пријатели од меѓународната заедница, да помогнеме и да обезбедиме вакцини за нашите граѓани“, пишува Богојески на Фејсбук.

„Вакцините се обезбедени!!! Во моментов додека го пишувам овој статус, на располагање ни стојат до 5 милиони вакцини од Астра Зенека од Велика Британија, кои може да бидат испорачани во Македонија за еден ден, откако нашата Влада ќе направи нарачка!

Моето е сторено! Вакцините се најдени и обезбедени!
Сега на потег е Владата. Ќе ѝ бидат ставени на располагање сите потребни информации… да ги донесеме вакцините и да започнеме со најмасовната вакцинација од сите земји во светот и да дојдеме на прво место!

Сега не е време за плукање и обвинување, туку секој од нас да помогне колку може! Да си го спасиме народот од болеста! После можеме да се плукаме колку сакаме!“, порачува лидерот на Македонски концепт.

- Реклама -