Реакцијата можеби не доликува како што треба, да се изразам на тој начин, иако станува збор за приватен профил и коментар на приватен профил, но едноставно не гледам причина да правиме проблем каде што нема. Вака градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ го објаснува коментарот на неговиот прифатен профил „Зашто Димитров е идиот“, по бојкотот на Македонија на доделувањето на Нобеловата награда на писателот Петер Хандке.
„Не станува збор за нешто што е поврзано со нас, туку за доделување награда за книжевност која што нас не нѐ допира, ниту сме засегнати. Сметам дека со такви потези само правиме проблем таму каде што нема“, вели Богдановиќ во изјава за МКД.мк.
Богдановиќ пред два дена на Фејсбук го честиташе доделувањето на Нобеловата награда на писателот Петер Хандке, а во коментарите на објавата директно кажа што мисли за бојкотот на церемонијата од страна на Македонија. На прашањето зошто Македонија ја бојкотирала церемонијата, Богдановиќ одговори: „Зашто Димитров е идиот“. Подоцна коментарот беше избришан.