Boeing најавува патнички летови без пилоти

Boeing – еден од најголемите производители на авиони во светот, има намера да воведе беспилотни летови со кои ќе управуваат компјутери. Веќе и денешните авиони полетуваат и летаат користејќи ги вградените компјутери, а низ годините бројот на пилоти на стандардните летови падна од три на два.

Компанискиот потпретседател за развој – Мајк Синет, најавува дека новата технологија ќе биде тестирана во кокпит-симулатор веќе летово, а прогнозира дека веќе следната година „ќе летаме во авиони во кои некои од одлуките – кои досега ги носеа пилотите, сега ќе зависат од вештачката интелигенција“.

Нормално, и беспилотните авиони ќе летаат според безбедносните стандарди на авиосообраќајот. Но претходно, Boeing ќе мора да ги увери регулаторите на воздушниот сообраќај да ја одобрат новата технологија.

Прочитајте и:  Си: Вештачката интелигенција не смее да биде игра на богатите земји и луѓе

За да се случи тоа, беспилотните авиони (за кои сé уште не постои соодветен сертификат) ќе мораат да докажат дека се способни да слетаат безбедно дури и во најтешките услови, како што тоа го направи капетанот Челси Саленбергер во „чудото на Хадсон“. Тогаш, во 2009-та, по полетувањето од Њујорк, авионот на US Airways налета на јато птици, по што сите мотори откажаа. Сепак, Челси успеа безбедно да го „приземји“ Airbus-от А320 (најголемиот) на реката Хадсон и ги спаси сите 150 патници.

- Реклама -