BMW и Toyota ќе ја прошират сферата на соработка, што се потврди на последната средба на шефовите на двата концерна, организирана по повод потпишувањето на меморандум за меѓусебна помош. Според документот, компаниите ќе соработуваат во четири области, а меѓу нив е и развојот на спортски автомобили.
Документот беше потпишан од Норберт Рајтхофер и Акио Тојода, во седиште на BMW, во Минхен. Според него BMW и Toyota ќе работат заедно на решенија за намалување на масата на возилата, на развој на електрични мотори и технологија со користење на водородни горивни ќелии, како и за правење на нова архитектура за спортски автомобил.
„Раководствата на двете компании ги делат истите ставови за стратешкиот развој на производството на автомобили и овој меморандум е логичен чекор кон иднината“, изјави Рајтхофер. „Двете марки имаат огромна почит една кон друга и тоа се гледа од фактот дека потпишаа согласност само шест месеци откако се договорија за заеднички истражувања во областа на литиум-јонските технологии“, додаде Тојода.
Овој договор беше потпишан во декември 2011 година. Според него, Баварците ќе снабдуваат Toyota со свои дизел мотори, а Јапонците ќе им помагаат на BMW со хибридни технологии. Во март оваа година двата гиганти се договорија и за заедничка развој на акумулатори.
Од сето тоа најголем интерес секако предизвика веста за развојот на спортски автомобил, дело на BMW и Toyota. За сега детали за ова не се откриваат, но Акио Тојода беше доволно провокативен: „Таква машина ќе го воодушеви целиот автомобилски свет“.
Објавено во соработка со Авто Плус.