BMW i8 Spyder – спортско електрично купе

Нема сомнеж дека иднината на автомобилите е во електричниот погон, особено поради фактот дека светските резерви на гориво полека, но сигурно ги снемува. Затоа, како еден од врвните светски производители на автомобили, денес ќе го разгледаме најновиот спортски модел на BMW наречен едноставно i8 Spyder.

BMW “I”, подбрендот на BMW задолжен за моделите на електричен погон, го претстави и третиот концепт, i8 Spyder. Тој се базира на i8 купето кое имавме можност да го видиме минатата година, па автомобилот дебитираше дури и во најновото продолжение на култниот филм „Невозможна мисија 4“. Се работи за спортско електрично купе во кабриолет-верзија, кое како што вели производителот има најголеми шанси да влезе во сериско производство, а во некои земји веќе доби и цена од 300 000 долари.

Екстериер

На изглед автомобилот е навистина футуристички, како сите оние возила кои ги гледавме во филмовите за тоа како ќе изгледаат тие во иднина. Како и другите два концепта, и i8 Spyder е изработен од јаглеродни влакна (Carbon Fiber), при што сите линии укажуваат на аеродинамиката на која ѝ е посветено големо внимание – особено кога се работи за електричен спортски автомобил кој допрва треба да се докажува со својот електричен погон.

Во поглед на функциналноста, од другите концепти задржани се вратите кои се отвораат нагоре, но на задната страна е додаден мал фиксиран спојлер за да ја намали воздушната турбуленција, а со тоа и отпорот на воздухот.

За осветлувањето кај i8 Coupe се грижат предните ласерски светла со ниска потрошувачка на енергија и задните светла во форма на буквата U. Како што веќе споменавме, купето е кабриолет верзија, но за оние кои некогаш ќе посакаат да имаат нормален покрив, со автомобилот доаѓа и покрив од јаглеродни влакна кој брзо може да се постави.

Ентериер

Во спортски ориентираната кабина на Spyder преовладува истиот футуристички дизајн. На левата страна од возачот се наоѓаат контролните копчиња за контрола на основните режими на работа на моторот, ECO, PRO или SPORT. За преглед на патот се грижи огромен 8,8-инчен 3D дисплеј каде што се прикажани информации за хибридниот систем, контролите за навигација и мултимедијалните опции.

Инженерите во BMW развиле нова технологија која му помага на возачот во секојдневниот живот, а до неа може да се пристапи преку смартфон. Тука мислиме на апликациите за мобилен телефон како CarFinder која може да го пронајде возилото на огромен паркинг ако сте го загубиле од вид или ако сте заборавиле каде сте го паркирале. Исто така, програмата нуди и далечинско управување со внатрешните системи – па така ќе можете од далеку да го вклучувате затоплувањето или ладењето на ентериерот.

Погон

Како и обичното купе, така и i8 Spyder располага со хибриден погон кој го сочинуваат два електрични мотора од 131 КС, поставен на предната оска и трицилиндричен бензински мотор од 1,5 литри кој создава 223 КС и е поставен на задната оска.

За електричниот мотор се задолжени две литиум-јонски батерии, лоцирани на средишниот дел од автомобилот, помеѓу двата мотора, кои заедно се заслужни за силата од 260 КС и вртежниот момент од 548 Nm. Автомобилот само на електричен погон може да помине 30 километри пред да се вклучи бензинскиот мотор кој ќе почне да ги полни батериите.

Убавината кај i8 Spyder е фактот дека можете да бирате на кој погон да се движи автомобилот – во зависност од условите, се бира дали тој да се движи на преден, на заден погон или на погон на сите четири тркала. Како и кај обичното купе, и тука BMW тврди дека има 50-50 распределба на тежината, при што се отфрлени сите дополнителни работи кои создаваат тежина.

Ова му овозможува на автомобилот да забрзува од 0 до 100 км за само 5 секунди и да достигне максимална брзина од 250 километри на час. Сепак, за разлика од обичното купе, i8 Spyder доаѓа со пократко меѓуоскино растојание.

Заклучок

Нема сомнеж дека се работи за исклучителен автомобил, односно вид автомобил. Но, секоја нова идеја и концепт прво треба да созреат доволно за да бидат позитивно прифатени на пазарот. Како втор интересен факт е цената. Дали некој би потрошил околу 300 000 долари за нешто кое не го носи името на Ферари, Ламборџини или друго име од светските производители на супер автомобили? Но, тоа ќе оставиме да го покажат времето и пазарот, а дотогаш ќе ѝ се восхитуваме на креативноста на инженерите во BMW.

Објавено во соработка со Емитер.

- Реклама -