Една од најпопуларните автомобилски марки – BMW наполни 100 години. Компанијата е во самиот врв според финасиските резултати, лидер во премиум сегментот, двигател на светот што се тркала…, но не се задоволува со тоа, има сериозни планови и за наредните 100 години!
Еден од шефовите на BMW AG, Клаус Фролих, откри она што треба да очекуваме во следните 100 години. За Ројтерс топ менаџерот истакна дека во следните пет години една од главните цели пред BMW е создавање на конкурентно беспилотно возило. За таа цел компанијата планира да привлече нови специјалисти, кои ќе го пополнат инженерскиот оддел на брендот.
– Главното кај автономните возила не е составот (тој одамна е измислен и функционира беспрекорно) туку вештачкиот интелект кој управува со истиот – коментира Фролих. – Токму за создавање на ваков интелект во моментов се трошат милијарди долари во целиот свет. Во таа насока се трудат најголемите автоконцерни и IT компании, а BMW нема како да биде настрана од овој процес.”
Топ менаџерот додаде дека првиот чекор во таа насока е зголемувањето на бројот на програмери во компанијата барем за четири пати. Сега нивниот број во сите поделби на BMW во светот е 30.000 лица, од кои околу 20% се во развојните структури. Според Фролих овој процент треба да се зголеми барем до 50%.
– Се разбира, назначувањето на програмери не треба да стане за сметка на нашите сопствени инженери, кои се најголемата гордост на BMW. Напротив, треба да го зголемиме бројот на експерти, што е една голема инвестиција. Ние сепак нема да си дозволиме да каскаме зад најновите трендови, објасни Фролих.
Во BMW меѓутоа, сметаат дека во Германија ги нема потребните кадри, бидејќи локалните универзитети не успеале да реагираат брзо на менувањето на реалностите и соодветно да „произведат“ потребни IT специјалисти од висока класа. Затоа и интелектуалниот потенцијал на фирмата ќе се бара во светот, од Северна Америка и најмногу од Силиконската долина, каде што повеќето автомобилски производители открија свои истражувачки центри.
Друга цел која си поставија Баварците е да се претворат во еден од водечките светски производители на хибриди и електрични возила. За целта BMW ќе продава технологијата и на помали компании. Овој процес е веќе започнат уште во ноември минатата година. BMW понуди инженери за развој на хибридните агрегати на кинеската компанија Karma Automotive, која почнува да ги нуди своите нови хибриди на пазарите во САД и Кина.