Научниците од Универзитетот во Падова, Италија, откриле дека близнаците, а и сите други бебиња се стремат кон општење уште од мајчината утроба.
Претходните истражувања покажаа дека бебињата се раѓаат со социјални способности и дури се подготвени да имитираат гестови, неколку часа по појавата на белиот свет.
Италијанскиот тим го прошири истражувањето на оваа хипотеза со помош на модерна техника за следење на плодот.
За целта бил користен современ ултразвук, од кој се добивале тродимензионални снимки на пет пара близнаци во 14 и 18-тата недела од бременоста. Неродените деца уште на 14-тата недела комуницирале на најразлични начини, вклучувајќи допири. Кон 18-тата недела тоа општење веќе било толку интензивно што близнаците го допирале почесто своето братче / сестричка отколку сопственото тело. Во вакви гестикулации тие поминувале до 30 проценти од времето.
Видеата биле со времетраење од 20 минути, со тоа што техниките им овозможуваат на истражувачите да ја сменат длабочината на визуелната област, зачестеноста на кадрите и аголот на „снимање“.
Преку кинематичка анализа била анализирана можноста за случајни допири. На крајот се испоставило дека близнаците многу внимателно го допирале другиот, исто како кај аналогна акција со сопственото лице.