Вашингтон, 16 февруари 2022 (МИА) – САД остро го осудија предлогот на рускиот Парламент за признавање на две украински сепаратистички републики, Доњецк и Луганск, како независни.
„Таков потег би претставувал грубо кршење на меѓународното право“, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Рускиот Парламент вчера изгласа и го повика претседателот Владимир Путин да ги признае двата сепаратистички региона во источна Украина како „суверени и независни држави“ во момент на зголемени тензии со Западот поради распоредување трупи од Москва долж украинската граница.
„Одобрувањето на овој повик од страна на Кремљ би значело целосно отфрлање од страна на руската Влада на нејзините заложби кон договорите од Минск“, истакна Блинкен, мислејќи на историскиот договор од 2014 година, чија цел беше да се реши конфликтот во Украина.
Тој додаде дека таквата одлука ќе ја поткопа „наведената посветеност на Москва да продолжи да се ангажира во дипломатијата за постигнување мирно решение на кризата и ќе наложи брз и цврст одговор од САД во целосна координација со нашите сојузници и партнери“.