Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска оцени дека претседателските избори во Русија биле недемократски и дека се одржале во атмосфера на, како што наведе, „интензивна репресија на независните гласови и затвор, смрт или егзил на речиси сета вистинска политичка опозиција“.
-Кремљ систематски ги маргинализира групите кои се залагаат за демократски процеси и владеење на правото, вклучително и набљудувачи на изборите. Руските власти, исто така, одбија да регистрираат антивоени претседателски кандидати под лажни изговори и не ја поканија Канцеларијата за демократски институции и човековите права на Организацијата за безбедност и соработка во Европа или која било кредибилна меѓународна организација, да го набљудуваат гласањето, рече Блинкен во изјавата на Стејт департментот.
Тој додаде дека овие потези илустрираат „до кој степен Кремљ им го скрати на своите граѓани транспарентниот и значаен демократски процес“.
-Во тој контекст, овие избори може да се опишат само како недемократски, рече американскиот државен секретар.