Блинкен и Кулеба седнаа на пица во Киев: „Како познавач на пица, топло ја препорачувам“

Министрите за надворешни работи на САД и Украина, Ентони Блинкен и Дмитро Кулеба денеска ручаа во Киев во пицерија на воени ветерани од војната со Русија.

Кулеба го пречека Блинкен на влезот во пицеријата а ручекот потоа траел 40 минути. За тоа време, на влезот во ресторанот имало вооружени чувари.

– Како познавач на пица како и повеќето Американци, мислам дека пицата овде е одлична. Топло ја препорачувам, рече Блинкен.

Ненадејната посета на американскиот државен секретар има за цел да го увери Киев за воената помош на Вашингтон, закочена неколку месеци поради споровите меѓу владата и опозицијата во американскиот Конгрес.

За време на претходната посета на Киев во септември минатата година, Блинкен беше со Кулеба во „Мекдоналдс“ за да го поздрави враќањето на тој бренд во Украина по неговото затворање на почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Прочитајте и:  Украина: Новата хиперсонична руска ракета развила брзина поголема од 11 маха (речиси 3.8 километри во секунда)

Кулеба денеска му кажа на Блинкен дека „некои на социјалните мрежи го критикувале затоа што го однел во Мекдоналдс, а не во украински ресторан“.

– Така што ја исправаме ситуацијата и го надополнуваме Мекдоналдс со пицерија која ја основаа украински ветерани и стана легендарно место, додаде шефот на украинската дипломатија.

Така, овој пат изборот падна на пицеријата „Ветерано пижа“, која во 2015 година ја основа Украинец кој се борел против проруските сепаратисти кои беа воено поддржани од Москва на истокот на земјата.

По ручекот, Блинкен прошетал до кафуле каде што се сретнал со претставници на украинското граѓанско општество.

За време на неговата прошетка придружуван од новинари, Блинкен накратко застана на централниот плоштад Мајдан пред импровизираниот споменик на украинските војници убиени за време на руската инвазија – илјадници мали сино-жолти знамиња на Украина поставени во тревник.

- Реклама -