Блажевски на ЛОИ во Лондон исплива 3 секунди послабо од својот најдобар резултат

Македонскиот знаменосец на ЛОИ во Лондон, пливачот Марко Блажевски, веќе го имаше својот настап во квалификациите во дисциплината 400 метри мешано и оствари резултат од 4 минути 32 секунди и 38 стотинки, што е за повеќе од три секунди послабо од резултатот со кој беше пријавен (4:29.07).

Во првата квалификациска трка, инаку најслаба по квалитет, Марко Блажевски го освои третото место од пет пливачи, остави двајца зад себе, а конечниот пласман ќе го дознае откако ќе завршат сите квалификациски трки. Очигледно дека Марко Блажевски се замори од носењето на македонското знаме на синоќешното свечено отворање на Игрите, па потфрли во она за што и дојде на ЛОИ, да исплива свој најдобар резултат.

Остана само пуста желба на Марко Блажевски да го урне македонскиот рекорд во оваа дисциплина, што го држи Александар Маленко, а изнесува 4:27.62 минути. Ако знаменосецот вака ја претстави Македонија на ЛОИ во Лондон, како ли ќе ја претстават останатите тројца вајлд-кард спортисти?!

- Реклама -