Благоевград не дозволува да се отвори македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“: Тој бил Бугарин, а македонската нација вештачка…

Советот на општина Благоевград се спротивстави на отворањето на Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, кое требаше да се случи на 30 октомври.

Како што пренесува „Мета.мк“, на седницата на 7 октомври, со 25 гласа „за“ (меѓу кои и на ГЕРБ и социјалистите), 4 „воздржани“ (од Движењето за права и слободи) и ниту еден глас „против“, Советот на Благоевград изгласал декларација и донел решение со кое отворањето на клубот се карактеризира како „груба провокација“ и „испад на организации нелегитимни за бугарското право“.

Според Советот на општина Благоевград, со отворањето на клубот грубо се прекршува Договорот за добрососедство, се погазуваат сите досега постигнати напори за подобрување на односите на меѓу двете земји, и се попречува патот на Македонија кон членство во ЕУ.

Во текстот на декларацијата, чиј автор е советникот од партијата ГЕРБ на Бојко Борисов – Кирил Илиев, се вели и дека македонската нација била вештачки создадена во 1934 година, за интересите на болшевичката партија и Советскиот Сојуз.

„За нас, како Бугари и жители на Пиринска Македонија, е крајно голема навреда и провокација на еден голем бугарски поет, каков што е Никола Јонков Вапцаров, да му се наметнува туѓа национална самосвест. Сметаме дека создавањето на ваков центар во нашиот град е груба провокација и демонстрација од страна на организации кои се нелегитимни за нашите права. Сметаме дека сите дејствија за создавањето на организација, во која група луѓе се самоопределуваат како ‘малцинство’ во рамки на нашата национална држава, претставуваат грубо погазување на уставот и законите на Бугарија“, стои во Декларацијата, пренесува „Канал 5“.

„Нашиот град нема да биде центар за слични пропагандни провокации“, се додава во декларацијата со која, како што изјави Илиев за бугарските медиуми, „им се порачува на македонистите дека не се добредојдени во Благоевград“.

„Додека ги глорифицира фашистичките крвници Ванчо Михајлов, на Бугарија ѝ пречи Вапцаров, кој бил поетски великан и социјалист (стрелан од фашистичката влада).
Анти-македонската политика на Бугарија е сведена на анти-социјализам“, напиша на социјалните мрежи Јована Мојсоска од Левица.

Тоа е срамота и покажува на што сè се подложени Македонците во Бугарија, изјави претседателот на ОМО Илинден Пирин – Стојко Стојков, за „Слободен печат“.

„Овие луѓе во Советот на Благоевград ако самите не се Македонци, имаат роднини и пријатели кои се. Тие знаат дека има многу Македонци во Бугарија и во Благоевград. За да излезат со таква позиција, објаснување е само дека се создава атмосфера за страв и омраза против Македонците овде“, вели тој.

Прочитајте и:  Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување

Одлуката ја критикуваа и од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Бугарија. Според нив, советот нема право да го забрани отворањето на клубот:

„За жал, уште еднаш ги повторува главните точки на официјалната бугарска политика кон Македонците во Бугарија. Не е точно дека е противуставно група луѓе да се дефинираат како малцинство во рамките на националната држава. Бугарскиот устав не им забранува на луѓето да се дефинираат етнички. Во Бугарија, многу бугарски државјани се изјасниле дека припаѓаат на различни малцинства – Роми, Турци, Евреи, Ерменци и други. Кога го направија тоа, никому не му правеше проблем. Проблем се јавува само кога Македонците се дефинираат како такви. Негирањето на постоењето на Македонците во Бугарија и ограничувањето на нивните права доведе до повеќе од една осудувачка одлука на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Таквото негирање е политички кратковидно и идеолошки анахроно“, изјави Красимир Канев – претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Бугарија, во одговор за „Канал 5“.

Претседателот на „Никола Вапцаров“ – Атанас Мазнев, пак, посочува дека Советот на Благоевград нема посочено закон според кој сака да го спречи отворањето. Спорната декларација, вели, нема правна основа. Оттаму, тој е уверен дека, сѐ додека не се произнесе законодавен орган (како обвинителство или суд) кој би посочил на член од законот кој би го спречил отворањето, отворањето на клубот ќе се случи како што е предвидено.

Во тоа е уверен и Стојков од ОМО Илинден Пирин, кој вели дека досега немале контакт со македонската влада во врска со отворањето на клубот.

„За жал, нема ништо од македонската влада. Но, и тие ќе бидат поканети на отворањето“, рече тој за „Слободен печат“.

Клубот „Никола Вапцаров“ е основан од Македонското здружение за заштита на основните индивидуални човекови права, а финансиски е помогнат од Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДПЧ) од Канада. Клубот веќе ги има изнајмено просториите во Благоевград, кои пред само неколку дена беа вандализирани со тоа што беше извадена буквата „М“ од натписот „Македонски културен клуб“. Неговото отворање беше и дел од ветувањата на премиерот Димитар Ковачевски за реципроцитет со Бугарија, кога го најави „Никола Вапцаров“ во Благоевград во моментите кога овде, во април, се отвораше бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола.

- Реклама -