„2020 година беше една од најтешките години во поновата историја на човештвото, а останува и понатаму да бидеме крајно внимателни. Но, оваа планетарна криза го извади најдоброто од човештвото – соработката, пријателството и солидарноста“, пишува премиерот Зоран Заев на Фејсбук, изразувајќи благодарност до Србија за отстапените вакцини од „Фајзер“ за помош за земјава.
Солидарноста и поддршката преку споделување на вакцини од Србија за Северна Македонија, посочува Заев, е израз на традицијата во регионот, а тоа е првата рака на помош да се подаде кон најблискиот сосед, кон комшијата.
„Треба да продолжиме да ги негуваме засекогаш пријателството и меѓусебната поддршка меѓу народите и државите, за сите заеднички идни предизвици. Посакувам и повикувам секој еден од нас да придонесе, за да има мир, здравје и љубов на Балканите“, се вели во пораката што премиерот ја постираше на Фејсбук.
Интересно е, меѓутоа, можеби и сами ќе забележите, што во истата е искористен изразот „на Балканите“. Доволно е да сте слушнале пар изјави на бугарски политичари за да знаете дека тоа е бугарски израз за она што ние го нарекуваме Балкан/на Балканот. И во визуелниот дел од постот на премиерот, токму овој израз е посебно истакнат во однос на остатокот од текстот. Тоа алудира дека пораката на Заев, иако се однесува на сите соседи, индиректно е упатена најмногу кон Бугарија. Другата можност – дека изразот е случајно употребен, би значела дека бугарскиот јазик полека почнал да се провлекува и во речникот на премиерот, или барем во неговиот кабинет.