Младоженецот ја мести вратоврската, додека чека нервозно пред олтарот. Невестата блеска во белиот фустан. Додека таа оди напред, некои гости плачат од радост.
Но пред парот да се заколне на вечна љубов, од толпата се слуша глас на еден маж кој излегува напред и вели дека е заљубен во младоженецот.
Невестата бега, облеана со солзи, но наместо церемонијата да пропадне, двајцата мажи стапуваат во брак.
Тоа би било катастрофа ако не беше внимателно испланирано однапред. Ваквата сцена е дел од сценариото на “лажна свадба” – најновиот тренд во Аргентина.
Додека се помалку млади Аргентинци се решаваат да склучат брак во реалниот живот, групи на пријатели на возраст меѓу 20 и 30 години плаќаат по 50 $ на човек, за да биде главен актер на слична лажна свадба.
„Се започна пред две години кога сфативме дека долго време не сме биле на свадба, затоа што повеќе никој не се жени”, вели 26-годишниот маркетинг менаџер Мартин Асерби.
Заедно со четворица пријатели од универзитетското гратче Ла Плата кое се наоѓа на 50 километри јужно од главниот град Буенос Аирес, Асерби решава да организира лажна свадба.
На нивно изненадување, настанот има тотален успех, а еднократната свадба се претвора во цел бизнис: Асерби и неговите пријатели ја создаваат компанијата Falsa Boda во ноември 2013 – и оттогаш постојано имаат профит.
Компанијата вработува вистински локации за свадби, угостителски компании и диџеи за забавите, вели Асерби.
„Овие професионалци во свадбениот бизнис станаа наши стратешки партнери, кои го организираат сето она што е реално, ако исклучиме дека самиот брак природно не е легитимен и е само претстава”, вели тој.
Ангажираните актери ги играат невестата, зетот и изненадната трета страна: отфрлен љубовник или таен дечко што пристигнува “неочекувано” – со драматичен ефект.
„Гостите ја добиваат целата забава на свадбата без никакви обврски. Дури не им се наметнува да чекаат некој кој навистина сака да се жени”, вели Асерби.
Типичните “лажни свадби” се посетени од околу 600 или 700 гости, со драматизам во духот на сапунските опери и траат од 6 часот наутро до следниот ден.
Актерите играат разни приказни на секој настан, но кулминација на секоја свадба е моментот во кој “невестата” го фрла својот букет меѓу гостите.
„Девојките паѓаат во таква еуфорија како навистина да се жени нивна братучетка, а тоа е само актерка”, вели Пабло Бонифас, 32-годишен маркетинг менаџер, кој неодамна беше присутен на лажна свадба во Буенос Аирес.
„Кога невестата пристигна, сите се избезумија, извадија телефони и ја фотографираа како таа да беше холивудска ѕвезда.”
Организаторот Асерби вели дека жените се главните двигатели на овие настани.
„Тие се првите кои купуваат билети. Очигледно, свадбена романтика се уште е жива, барем во оваа смисла.”
Бонифас коментира дека присуствувал на “барем една” вистинска свадба, но додава дека бракот ретко е тема на разговор меѓу претставниците на неговата возрасна група во Буенос Аирес.
„Јас сум ерген и сите мои пријатели и пријателки се слободни. Бракот е нешто за кое што никој не размислува“, вели тој. “Тоа е формалност, која нема никаква врска со љубовта.”
Статистиката ја поддржува оваа теза: само 11 642 парови се венчале во Буенос Аирес во 2013 година, во споредба со околу 22 000 во 1990 година.
Податоците на локалните власти покажуваат дека луѓето претпочитаат да се женат на поголема возраст. Просечната возраст на која жените стапуваат во брак, се зголемила од 28 на 33 години, а кај мажите се зголеми од 29 на 34 години.
Економските и социјалните промени значат дека младите денес имаат премалку реални можности да присуствуваат на свадбени забави, коментира социологот Викторија, професорка по демографија на Универзитетот во Буенос Аирес и шеф на градската служба за статистика.
„Тие ќе видат нешто што во реалниот живот веќе не се случува често”, вели таа. “Вистината е дека многу малку млади луѓе се женат.”
Статистиката исто така покажува дека околу половина од сите бракови во Буенос Аирес завршуваат со развод – во просек 6500 семејства се распаѓаат секоја година.
Иако Аргентина е претежно католичка земја, црковните бракови се дури уште поголема реткост: нивниот број е намален за 61% од 1990 година според податоците објавени минатата година. Помалку од 60 000 парови се венчаа пред свештеник во 2011, во споредба со 155 000 во 1990 година.
„Овој пад не значи дека има помалку парови, туку едноставно дека помалку од нив минуваат низ процедурата за регистрирање на односите пред законот или богот”, вели Викторија. “За сметка на тоа, пораст бележи соживотот без брак.”
Недостатокот на мажи исто така е фактор.
„Во Буенос Аирес се паѓаат околу 86 мажи на 100 жени, што ја отежнува можноста на хетеросексуалните жени да си наоѓаат партнери,” тврди социологот.
Од друга страна, како што вели гостинот на лажни свадби Бонифас, церемониите нудат можности за запознавање на нови потенцијални партнери.
„Полесно е да се запознаеш со некого на лажна свадба”, раскажува тој.
„Би се приближил и би се претставил како братучед на младоженецот; девојките веднаш влегуваат во улогата. Тоа е како игра во која се заробени сите.“