Еден млад дилер на дрога од Австралија за малку избегна затвор и помина со условна казна, затоа што го воодушеви судот со својот бизнис-план, меѓу другото. Судијката лично го прогласи за „многу добар бизнис-план“.
Таа го посоветува сега слободниот (на условно) 20-годишник Броди Гери Сатерли да го примени истиот начин на работа и во иднина, но овојпат со легални производи.
Очигледно, Сатерли не бил обичен дилер. Тој развил цела продажна шема за трговија со метамфетамини: наплаќал камати на долговите, им нудел на клиентите упатства за ценовната политика, овозможувал попусти, а и рефундирање на парите во случај да се докаже дека поплаките на квалитетот на робата се основани.
Ваквиот начин на работење (дилање) му донел слава и редовни муштерии, но сé тоа пропаднало во вода кога пред две години полицијата го открила неговиот бизнис и го уапсила.
Иако му се закануваше затворска казна, судијката му беше благонаклонета, не само затоа што има „смисла за бизнис“, туку и затоа што се покажа дека растел во тешки животни услови, а и дека и сам ги консумирал дрогите што ги продавал.
Сатерли, од своја страна, докажа и дека во меѓувреме се „тргнал“ од опијатите и покажа волја да го промени својот живот, а судијката – нарекувајќи го „многу интелигентен“, изрази увереност дека тоа и ќе му успее.