Битиќи за „Слободен печат“: Со 2 милиони евра директна финансиска поддршка ја враќаме креативноста на ивент индустријата

Ивент индустријата во Македонија е една од најпогодените во пандемијата и во неколку наврати преку протести и директни средби бараше решение и вклучување во пакетот антикризни мерки на Владата. Поради непредвидливиот фактор кој пандемијата го носи, Владата носеше мерки на секои 3 – 4 месеци, за да може да таргетира помош онаму каде што во моментот е најпотребна и никој да не биде изоставен.

Во последниот 5-ти пакет, Владата креираше наменска мерка за директна поддршка на економската гранка за организација на настани или уште позната како “ивент менаџмент индустрија”.

„Обезбедивме еден милион евра неповратни финансиски средства за организација на најмалку 40-тина настани, за чија реализација очекуваме да бидат ангажирани повеќе од 100 компании како организатори и подизведувачи и изнајмувачи на техника, но и ангажман на изведувачи, уметници, музичари, артисти, културни работници, фотографи, сниматели, продуценти, техничари и други професии кои вообичаено се ангажираат во и околу ивент индустријата“, вели за „Слободен печат“ Фатмир Битиќи, вицепремиер во Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции.

Според вицепремиерот Битиќи целта е да се поддржат компаниите да продолжат да работат, да се поттикнат да го прифатат предизвикот да се прилагодат на променетите услови и да го искористат својот креативен капацитет за да креираат содржина во која сите ќе можеме да уживаме, како што тоа го прават години наназад.

„Значи, не станува збор за поддршка за да се седи под клуч во услови на пандемија, туку обратно – овозможуваме буџет кој ќе ја држи оваа економска гранка жива, активна, за да се создава содржина, да зрачат овие оператори во етер, да се продуцира нова програма и секако тие содржини да доаѓаат до граѓаните, до различните публики, до народот. И народот ја очекува оваа мерка бидејќи ‘култура во време на корона’ е нешто што дава оптимизам, што го крева духот и што праќа пораки на меѓусебно охрабрување меѓу нас, објаснува Битиќи за „Слободен печат“.

Тој смета дека со најмалку милион евра ќе се поттикне ивент индустријата да работи дури и во време на рестриктивни мерки.

„Условите ќе бидат такви да ги задолжат операторите да организираат настани исклучиво според сите актуелни КОВИД-19 здравствени протоколи, што значи дека настани и продукција на содржина се можни дури и во време на пикови, се разбира преку онлајн врски, видео стриминзи, преку медиумите – на пример, артистите на некој локален плоштад, а граѓаните, публиките дома, онлајн пред својот телефон или компјутер, пред ТВ или радио приемниците. Кога се сака – се може!“, дециден е вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кој е убеден сум дека ова ќе биде сериозно освежување и за музичката, и за концертната, и за конференциската индустрија и особено за културните работници.

Новиот предлог не вклучува строги ограничувања во формата, туку ќе се поддржи секаков тип настани од јавен карактер, од концерти до изложби, претстави, проекции, јавни предавања, фестивали, свечености… Целиот разговор со Битиќи, прочитајте го ТУКА.

- Реклама -