Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска по средбата со стопанствениците во Владата во рамки седницата на Комисијата за јавно-приватен дијалог, порача дека нѐ очекува тешка зима и дека која и да е одлуката што ќе ја преземат од денеска па натаму, сите ќе бидат одговорни за истата.
„Ако се задолжиме за да помогнеме на стопанството, свесно ќе влеземе и стопанството и Владата во таква работа, и ќе знаеме дека некој ќе треба да го плати тоа задолжување, а дали се тоа поголеми даноци заедно ќе одлучиме“, рече Битиќи пред Владата.
Прашан дали е можно да се намали ДДВ во оваа криза, тој посочи дека е веќе намален.
Како што посочи Битиќи, на денешната редовна седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог, се разговарало и за даночните реформи.
Според него, индивидуални мерки не се решение и тоа, како што рече, го видовме во периодот на ковид и го потенцира и сега.
МИА