Битиќи: Економските оператори кои овие две недели ќе бидат затворени ќе бидат опфатени со нови мерки

Оние економски оператори кои овие две недели ќе бидат затворени, ќе бидат опфатени со нови мерки, соопшти на Фејсбук вицепремиерот за економски прашања – Фатмир Битиќи.

Како што информира тој, во моментов владата разгледува неколку модели кои ќе се базираат на покривање на дел од остварените приходи во последните месеци. Секако, вели тој, за споредба мора да се земат месеци со кои би можело да се симулира колку тие исти економски оператори би направиле приходи доколку не се случеше ова затворање.

„Во моментов приоритет е здравјето и заштита на здравјето на граѓаните, за сите настанати штети во економијата, како и досега, државата ќе излезе пресрет“, порачува Битиќи, потсетувајќи дека како и во вонредната состојба, оние угостителски објекти кои вршат достава можат да продолжат истото да го прават и по полицискиот час, секако со соодветни дозволи за движење, а дополнително, во текот на денот можат да продаваат храна и пијалоци од шалтер (take away или to go) без послужување во самите локали. Ова секако ќе овозможи за поголемиот дел од нив да продолжат делумно да работат, потенцира вицепремиерот.

- Реклама -