Бистата на Горан Стефановски пристигна во Дебар Маало, добредојде дома Стари

За жал, без јавен настан, но сепак конечно, во Дебар Маало пристигна бронзениот Горан Стефановски, информира преку Здружението за промоција на културното наследство на една од најзначајните личности на македонската култура, Горан Стефановски, неговиот син Игор Стефановски и напиша: „Бронзениот Горан го виде небото над Дебар Маало! Добредојде дома, Стари“!

„Конечно, после една година изработка, долги ковид-месеци во склад и неколку недели во кутија, сабајлево бронзениот Горан го виде небото над Дебар Маало!
За жал, поради новите мерки, нема да има јавен настан за отворањето. Но, сигурно така и требало да биде, бидејќи Горан секогаш се враќаше во Скопје тивко и ненајавено – едноставно си сакаше да се појави (всушност, никогаш не се сметаше за отсутен). Така што, еве и овој пат, во текот на денот (здравје), Горан би требало да биде поставен на своето место, каде ќе ве чека за седенка и муабет. Кога ќе бидете во можност, отидете да го поздравите.
Добредојде дома Стари! Едвај чекам да седнам до тебе пак“, се вели во објавата на Игор Стефановски.

- Реклама -